Заев ги отфрли обвинувањата на Мицкоски во врска со „Тотал Инженеринг“


Премиерот Зоран Заев денеска ги отфрли како лажни обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во врска со „Тотал Инженеринг“.

Заев на прес-конференција по Економско-социјалниот совет напомена дека фирмата на неговиот брат не работи, ниту ќе работи на ископ во РЕК „Битола“ или во други државни фирми.

– Фирмата што беше спомната нема ангажман за ископ во РЕК „Битола“. Тоа е лага. Јас сум чесен и транспарентен политичар. Механизацијата на фирмата на мојот брат не работи и нема да работи во РЕК „Битола“, истакна премиерот.

Во врска со предлогот на претседателот Ѓорге Иванов повторно да го предложи Димитар Богов за гувернер на НБРМ, Заев рече дека утре ќе одржи координација и ќе го консултира парламентарното мнозинство од што треба да произлезе и конечен став кој ќе и биде соопштен на јавноста.

На новинарско прашање што очекува од средбите на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, премиерот оцени дека секоја средба е во насока на надминување на разликите.

– Од секоја средба, макар и на маргините на некои поголеми случувања, очекувам нова креативност во насока на приближување и надминување на разликите, дополни претседателот на Владата.

За претстојната владина реконструкција Заев информира дека разговорите привршуваат. Вчера имал средба со раководството на БЕСА, партијата предводена од Африм Гаши и со ДПА, а денеска, како што рече, предвидени се дополнителни консултации.

– Ако успееме да ги номинираме предлозите, телата на партиите ќе треба да донесат одлуки, подвлече премиерот.