Заев во Турција – на средби со Јилдирим и Ердоган


Македонскиот премиер Зоран Заев ја почнува од вечерва во официјалната посета на Турција, каде што ќе има средби на највисоко владино и државно ниво, а ќе се сретне и со претставници на бизнис заедницата.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев ќе биде придружуван од министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Аднан Ќахил, пратениците Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР Виктор Димовски.

Посетата на Заев почнува со вечера организирана од ТОББ – Сојузот на стопански комори и берзи на Република Турција. Таму Заев ќе има воведно обраќање, а пред претставниците на ТОББ ќе се обрати и министерот Ќахил.

Утре во Анкара, Заев ќе биде пречекан од турскиот премиер Бинали Јилдирим, со кого ќе има и тет-а-тет средба по што ќе следува и средба на делегациите од Македонија и Турција. Во текот на денот, предвидено е Заев да се сретне и со претседателот на Собранието на Турција Исмаил Кахраман и со претседателот на државата Реџеп Таип Ердоган.