Заев: Во тек се фер, транспарентни и едукативни подготовки за гласањето на референдумот


Поддршка за успешна реализација на референдумот денеска изразија двајцата пратеници од германскиот Бундестаг, Јосип Јуратовиќ и Мартин Росеман кои остварија средба со премиерот Зоран Заев.
Тие, со претставници од фондацијата Фридрих Еберт, придружувани од амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Томас Герберих, на Заев му порачаа дека со успешната реализација на претстојниот рефередум, се отвора европската и атлантската иднина за Македонија и граѓаните. Јуратовиќ и Росеман ги посочија владите во Македонија и во Грција како светла точка што ја разбива „балканската темнина“ и покажуваат како се практикува вистинска демократија.
На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, беше нагласено дека демократските вредности се придобивка што е важно да ја практикуваат сите политички субјекти во државата и беше изразена надеж дека постои потенцијал за тоа кај политичките партии, независно од нивната идеолошка определеност.
-Патриотите сакаат и мислат на народот, а националистите мразат и мислат на личните интереси, сега е време да го кренат гласот вистинските патриоти и да ги осигураат евро-атлантските перспективи на Македонија и економскиот стандард на граѓаните, е пораката што беше нагласена на средбата, од германската делегација.
Премиерот Заев информирал дека во тек се фер, транспарентни и едукативни подготовки за гласањето на претстојниот референдум.
-Македонија и граѓаните се пред историски момент и јас сум убеден дека мнозинството граѓани ќе дадат поддршка за светла иднина на Македонија, во Европската Унија и во НАТО. Верувам во граѓаните дека ќе најдат сила да ја обезбедат својата иднина и иднината на младите кои ќе бидат мотивирани да останат да живеат, учат и работат во Македонија, наместо да си ја напуштаат родната земја, рече премиерот Заев.
На средбата, премиерот Заев и Ева Елерајт од Фондацијата Фридрих Еберт, потпишале и Меморандум за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Фондацијата Фридрих Еберт.