Заев во официјална посета на Германија на 21 февруари


Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на 21 февруари во Берлин ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел.

Средбата, како што соопшти владината прес-служба, е во рамки на официјалната посета на владина делегација предводена од Заев на Сојузна Република Германија. По средбата, канцеларката Меркел и премиерот Заев ќе имаат заедничка прес – конференција.

За време на посетата во Берлин, предвидува е и средба на претседателот на македонската Влада со претседателот на Германија, Франк Валтер Штајнмаер. Во агендата на официјалната посета на Германија, премиерот Заев ќе има обраќање во централната канцеларија на Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Првата билатерална средба на премиерот Заев со германската канцеларка Меркел се одржа во Трст, во јули, лани, на маргините од Самитот „ЕУ – Западен Балкан“. Меркел тогаш искажа поддршка за новата македонска Влада за одлучноста за суштински реформи и за определбата за интеграција на Република Македонија во ЕУ.