Заев: Владата покажа дека го слуша гласот на граѓаните и дека заеднички ги носиме одлуките


Владата на Република Македонија во изминативе месеци покажа дека го слуша гласот на граѓаните и дека заеднички ги носиме одлуките. Пред Македонскиот полициски синдикат (МПС) и неговото раководство секојдневно стојат проблемите и отворените прашања на речиси осум илјади полицајци, но решенијата на тие прашања се и обврска на Владата.

Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев на состанокот на Извршниот комитет на европските полициски синдикати и Македонскиот полициски синдикат, насловен „Улогата на ЦЕСП во почитување на фундаменталните и статусни права на полициските службеници во Европа“.

– Полицајците секојдневно се соочуваат со опасни случаи и затоа мора да гарантираме дека по завршување на работното време тие ќе се вратат дома кај своите најблиски, спокојни и безбедни, а утредента ќе се вратат на работа и ќе ги заштитат сите граѓани, нагласи Заев.

Тој порача дека власта е отворена за дијалог со синдикатите и дека крајна цел на работодавачите и државата од една страна и на синдикатите од друга е подобрување на условите за работа на сите работници. Заев информираше дека пред два дена со женевскиот Центар за демократска контрола на вооружените сили потпишал Меморандум за разбирање преку кој ќе се спроведува програмата за реформа на секторот за безбедносните и разузнавачки служби на Македонија за период од 2017-2020 година.

-Оваа реформа значи забрзано враќање на довербата на институциите, како што е МВР. Оваа доверба е од особена важност ако се има предвид дека до пред неколку месеци токму овие институции беа симбол на заробената држава која ја наследивме, рече Заев.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посочи дека Македонскиот полициски синдикат ја има можноста и поддршката на МВР  да ги употреби сите инструменти што му стојат на располагање во заштитата и унапредувањето на работничките права.

– Актуелното раководство на МВР како што е познато, не само на досегашните активности, темелно работи и на подобрување на  условите и стандардите на работа на полициските службеници. Ние сме должни да работиме во таа насока, исто како што синдикалците се должни постојано да се борат за напредување за синдикалните и работничките права, рече Спасовски.