Заев: Важноста на референдумот е иста, како на тој пред 27 години


Важноста на референдумот е иста, како на тој пред 27 години, затоа што ако тогаш ја обезбедивме независноста на државата, сега од оваа одлука зависи дали ќе си ја осигураме и обезбедиме иднината на нашата независна Македонија, изјави премирот Зоран Заев денеска на трибина со граѓани во Гази Баба, во организација на коалицијата „Излези ЗА европска Македонија“.

Порача дека пред нас претстои сериозна одлука и затоа е важно да се зборува за значењето на интеграциите во НАТО и ЕУ, но и за деталите за Договорот. Да се дебатира и граѓаните да имаме став по ова прашање.

Има се уште луѓе кои, како што вели, се излажани и изманипулирани, заради тоа што сериозни политички структури во државата немаат изградено став. Став по најважните прашања за нашата заедничка Македонија. „Затоа ќе зборуваме се до 30-ти. Одлуката е сериозна, а шансата е неповторила и неповратна. Оваа одлука имаат право да ја носат само и единстевно граѓаните на Република Македонија и никој друг“, рече Заев.

Наша одлука, посочи Заев, е дали ќе испишеме храбри и државнички одлуки или повторно ќе се скриеме и ќе бидеме со недоволен капацитет.

„Разбирам некој да биде против и да излезе да гласа. Немам проблем со тоа, како што разбирам и јас сум за и ќе излезам да гласам за. Но, да остане некој дома, а да не нуди алтернатива за државата се прашувам која е тајната замисла на тој таков, кој апсолутно не дава опција и план Б. Затоа секој што ќе остане дома и без било како изговор остане дома, за мене е противник на државата и не и мисли добро на државата“, изјави Заев.

Порача дека со Договорот не само што се зачувува нашиот идентитет и се гарантира македонскиот  јазик, туку Грција го призна и прифати македонскиот јазик и македонскиот народ.