Заев: Буџетот се уште не покажува индиции за ребаланс


Буџетот се уште не покажува индиции за ребаланс, односно ќе нема потреба тоа да се прави во текот на летово, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Очекува во тек на септември, октомври или ноември, веројатно  со пресек на крајот на месецов, да почнат да се прават пресметки  и да почнат постапки за потребата што се јавила од дополнителни проекции  на буџетот на мал сегмент.

Продолжуваме, истакна Заев, со политиките на нерезервираност на зголемување на државниот долг заради јакнење на економијата, отворање нови работни места и капитални инвестиции.

Премиерот не е задоволни со резултатот од реализацијата на капиталните инвестиции, но очекува да се достигне проектираното ниво во вториот, третиот и четвртиот квартал, со оглед на тоа што се направени проектните документации кои биле најголема слабост за потфрлањето.

Посочувајќи дека не се правда за нивото на капиталните инвестиции, рече дека дополнително на тие инвестиции коишто не се бележат со Буџетот се патиштата и железничката инфраструктура. Тие, рече, се преку јавни претпријатија финансирани надвор од Буџетот, а всушност најголем дел од капиталните инвестиции се патишта, железници и гасификација. – Понатаму во буџетските рамки каде што ги броиме соопштените 16,5 проценти се во делот на другите видови капитални инвестиции, како изградба на полициски станици, амбуланти, училишта, градинки, рече Заев.