Заеви на Виенскиот бал во Скопје: Гламур со валцер и захер торта


Народ и елита, дипломати и бизнисмени се измешаа викендов на Виенскиот бал во Скопје, традиционално во хотелот „Александар палас“. Балот, кој го организира Здружението за културна соработка Јохан Штраус, со поддршка на заедничкото покровителство на амбасадата на Република Австрија и Владата, имаше  хуманитарен карактер. Во текот на вечерта беше организирана добротворна лотарија. Собраните средства и дел од средствата од билетите, беа доделени на Здружението на лица со параплегија и квадриплегија „Без ограничувања“ .

Гостите уживаа во настапите на ЗЏМ Биг Бенд, Арт Бенд, Џон Илија Апелгрен, Дејан Бобиќ -Дексо и Лина Авшар. Ексклузивни гости беа танчарите од Танцовата школа Елмајер од Виена. Водителка на Балот беше ексмис на Македонија Вера Мештеровиќ.

Изненадување на настанот беше доаѓањето на премиерот Зоран Заев со сопругата, на покана на австриската амбасадорка Коблер.

-Дозволете ми да го искажам моето и задоволството на мојата сопруга што сме вечерва тука заедно со Вас, рече премиерот Зарев во обраќањето пред присутните.

Поканата од амбасадорката Коблер да присуствувам на Виенскиот бал ја прифатив без двоумење поради неколку причини. Прво го покажува воспоставеното, искрено пријателство помеѓу Република Австрија и Република Северна Македонија. Понатаму, оваа манифестација, којашто е создадена како реплика на светски познатиот бал во Виена, Опера Бал годинава го одбележува својот 20-ти јубилеј. Но пред се, ме мотивираше хуманиот карактер на манифестацијата.

Особено ме радува фактот што со дел од средствата собрани вечерва ќе биде обезбедена адаптирана спортска опрема за возење велосипед, а којашто потоа ќе му биде доделена на Здружението на лица со параплегија и квадриплегија, „Без ограничувања“.

Знам дека и лицата со попреченост можат да спортуваат. Јас лично познавам такви луѓе. Разликата е што ним им треба само поголема поддршка. Затоа јас лично би сакал да ви се заблагодарам на сите, бидејќи Вашето присуство овде вечерва ќе придонесе кон подобри можности за овие наши сограѓани“, рече премиерот Заев.

Нашиот народ сака балски фустани и смокинзи. Дамите годинава избраа претежно црни тоалети иако беа присутни и други бои. Мажите костуми со пеперутка-машна но посигурно се чувствуваат во кравати. Гостите ја имаа ретката можност една вечер во Скопје да го живеат стилот на Виена-со захер торта, шампањско, бечка шницла и да изиграат валцер на музиката на Штраус ,наместо оро. (Л.С.)