Загриженост од видеото за врсничко насилство во училиштето во Неготино


Здружението на социјални работници на Македонија (ЗСРМ) искажува загриженост од  видеото за врсничко насилство во училиштето во Неготино и смета дека социјалниот работник треба да биде дел од стручните служби во училиштата.

Во реакција до медиумите ЗСРМ посочува дека  психичкото вознемирување, физичкото малтретирање, социјалната изолација, сексуалното злоупотребување, а во поново време и насилството на интернет стануваат сериозен психосоцијален проблем со кој се соочуваат се поголем број основци и средношколци.

Укажува дека наставниците немаат доволно информации за тоа како да се справат со врсничкото насилство, а стручните тимови во кои отсуствува социјалниот работник најчесто се ограничени во својата дејност и не се во можност да ја дадат неопходната социјална поддршка која им е потребна на учениците.

– Одговорноста за ваквите случувања ја гледаме во Министерството за образование и наука, кое повеќе од 20 години воопшто не го препознава социјалниот работник како стручно лице кое игра клучна улога во справување со ваквите случаи и ретко е дел од стручните служби во училиштата. Истото го повтори и новото раководство во МОН, кои во новите стратегии не го зема предвид социјалниот работник како дел од стручните служби во училиштата. Согласно сегашната пракса, училиштата ја префрлаат одговорноста за социјалните ризици во центрите за социјална работа, кои и сами се претрупани со одговорности и не се во можност целосно да ги решат ваквите случаи до крај, наведува Здружението.

Инцидентот со трите ученички од училиштето во Неготино, според ЗСРМ е вклучување на алармот кој сакаат да го упатат до МОН за вработување социјални работници во стручните служби на училиштата.

– Притоа апелираме на воведување итни програми за  спречување  врсничко насилство во училиштата и активно вклучување на социјалните  работници како фактор за откривање и поддршка на децата кои се жртви на насилството, наведува ЗСРМ.

Во врска со претепувањето на ученичката од деветто одделение од две нејзини врснички во ОУ „Гоце Делчев“, Првата детска амбасада „Меѓаши“ денеска побара Министерството за образование и наука да покрене истрага за овој настан, да утврди степен на одговорност и да се преземат мерки вакви случаи да не се повторат.

Министерката Рената Дескоска денеска во изјава за медиумите соопшти дека случајот е пријавен во МВР и дека ќе бидат преземени мерки за едукација на учениците и нивните родители за превенција од училишно насилство.

– Училиштето има обврска според законот да изврши педагошко советување со родителите и педагошки разговор со ученичките коишто учествуваа во овој настан. Треба да им се укаже на родителите дека треба да се преземат мерки за поправање на однесувањето на учениците, а потоа и во рамки на училиштето може да се преземат дисциплински санкции кон ученичките, изјави Дескоска по отворањето на Центарот ИНОФЕИТ.