Загина возач по пад со автомобил во провалија кај Велес


Шеесет и деветгодишниот скопјанец Н.Т. загина вчера во сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Велес, а неговиот соптаник е повреден, откако изгубил контрола над возилото со кое управувал „Цитроен Берлинго“, со скопски регистерски таблички, по што возилото излетало од патот и паднало во провалија.

Како што соопшти МВР, сообраќајката се случила во 13 часот на автопатот од Скопје кон Велес, веднаш по првиот тунел.

– Во незгодата од здобиените повреди на самото место починал Н.Т., а со телесни повреди се здобил сопатникот М.Н.(66) од Скопје кој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош, наведуваат од МВР.

Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од Секторот за внатрешни работи Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било предадено за обдукција. Се работи на целосно расчистување на случајот.