Загадениот воздух ги разболува и неродените бебиња


Загадениот воздух предизвикува да се раѓаат бебиња со помала тежина, што може да предизвика трајни оштетувања на нивното здравје, покажуваат научни истражувања во врска со последиците од аерозагадувањето на светско ниво.

Последно во низата е истражување на научници од Лондон, кои, испитувајќи го влијанието на воздухот врз здравствената состојба на населението, најавија „катастрофа на јавното здравје“. Истражувањето е спроведено во Лондон, но со оглед на тоа дека загадувањето ги надминува границите на Велика Британија, се смета дека е релевантно и за другите држави со големо аерозагадување.

Страдаат белите дробови и мозокот

Kај неродените деца, загадувањето може да предизвика неразвиеност на белите дробови и на мозокот, што автоматски им го загрозува животот. Тоа е многу сериозен ризик, предупредуваат научниците.

На глобално ниво, две милијарди деца се изложени на загаден воздух чија концентрација ги надминува максимално дозволените граници. Последната студија на УНИЦЕФ укажа на тоа дека 17 милиони бебиња во светот вдишуваат отровен воздух.

Нема сигурни начини како трудните жени во градовите да го избегнат хроничното изложување на загаден воздух. Поради тоа, истражувачите апелираат до властите ширум светот да спроведат итни акции да го намалат загадувањето од загревањето на домовите, од возилата и од другите извори на загадување.

Мирел Толедано од „Британски медицински журнал“, што го спроведе истражувањето, изјави дека е неприфатлива ситуацијата во која фактори кои негативно влијаат врз бебињата се надвор од контролата на идните мајки.

Студијата опфати 540.000 живородени деца од Лондон и ја потврди врската меѓу лошиот квалитет на воздухот кој го вдишувале мајката и малата родилна тежина (помала од 2,5 килограми). Научниците укажуваат дека на секои 5 микрограми загадени честици на метар кубен, ризикот бебето да се роди помало расте за по 15 отсто. Просечната изложеност на трудна жена во Лондон е 15 микрограми во кубен метар, што е под британските законски ограничувања, но и 5 микрограми повеќе од пропишаните вредности на Светската здравствена организација. Намалување на загадувањето за тие 5 микрограми би се спречило 300-500 бебиња да се родат помали од колку што би требало.

Се намалува интелегенцијата кај децата

Загадениот воздух ја намалува и интелегенцијата на децата. Децата кои живеат во енормно загадени средини имаат помал коефициент на интелегенција и помалку памтат од своите врсници кои живеат во чиста средина, е уште еден податок од истражувањата на Школата за јавно здравје на Универзитетот „Харвард“.

Влијанието за загадувањето врз интелегенцијата и исто колку тоа што се регистрира кај децата чии мајки во бременост пушеле по 10 цигари дневно или биле изложени на труење со олово.

Влијанието на аерозагадувањето врз кардиоваскуларниот и респираторниот систем е целосно истражувано, но малку се знае за последиците врз мозокот. И тој е погоден од јаглеродниот диоксид. Изложеноста на него го намалува Ај -Кју за 3-4 поени, што се одразува на вокабуларот, памтењето и на способноста на учење кај децата.