Заврши првиот театарски фестивал во Гостивар, најуспешна „Вечера од трошки“


Со прогласување на најуспешните синоќа во Центарот за култура АСНОМ во Гостивар беше затворено првото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Отело“.

Театарската претстава „Вечера од трошки” во изведба на Албанскиот театар од Скопје ја доби првата награда.

Стручното жири во состав Музафер Етеми, Сулејман Рушити и Музафер Етеми ги прогласи и најуспешниот режисер, актер и актерка. За најдобар актер беше прогласен Ромир Зала од Албанија, а најдобра актерка е Амернис Нокшиќи-Јованоска. Наградата за најдобра режија му припадна на Фатос Бериша од Косово.

Директорот на фестивалот Арѓенд Хасани оцени дека големата посетеност на сите пет вечери покажала дека Гостивар има извонредна публика и оти потребата од основање на професионален театар во Гостивар станува императив.

Организаторите најавија дека фестивалот ќе стане традиционален, а очекуваат и поддршка од локалната самоуправа.

Фестивалот траеше од 9 до 13 ноември, а публиката имаше можност да ги проследи претставите „Тема со тебе“ на театарот Александар Мојсиу од Драч, „Психоза 4:48” на театарот „Адриана Абдулаху“ од Урошевац, „Вечера од трошки” на Албанскиот театар од Скопје, „Парчиња” на театарот Артполис од Приштина и „Лекција” на Кумановскиот театар.

Фестивалот го организираше Здружението за култура „Фишта“ од Гостивар со финансиска поддршка на Министерството за култура, општина Гостивар и неколку компании од градот.