Заврши Модниот викенд во НУБ: Скопје расцвета


 

Скопје расцвета и на писта и во публика, синоќа, на завршницата на Модниот викенд во Скопје, во организација на Света Богова- Јовановска. Ова не е шега, иако вчера беше 1 април.

Колекциите на дизајнерите беа инспирирани од цвеќето, имаше манекенки убави ко пупки, а некои од нив за време на ревиите им фрлаа и вистински цвеќиња на гостите во првите редови.

Последната вечер на модниот настан во НУБ „Св. Климент Охридски“ публиката виде пет ревии. Вечерта започна со ревијата на младата дизајнерка Сара Реџиќ која го потпишува брендот „Сари Ги“ и нејзината колекција „Ла вие ен росе“. За колекцијата вели: „Жените се херои на секојдневието. Во природата на секоја жена постои едно “розово” катче. За да успее да го преброди денот, обврските, животот, жената има потреба одвреме-навреме да побегне во својот “живот во розово”, да блесне, да зачекори како кралица. Токму таму е нејзиниот “Ла вие ен росе” свет од кој црпи сила на животот и светот да гледа со розови очила.“

Од брендот „ЅИЛКА БРАДА“ од Косово ја видовме колкцијата „Модиш“ .

„ Времето поминува и луѓето се менуваат заедно со нивните извонредни храброст и внатрешни соништа. Денес секој од нас сонува многу. Денес секој од нас има уникатен начин на изразување. Оваа колекција доаѓа со силна порака и претставува природен начин на изразување на себеси без всушност да се грижиме за очекувањата на другите “, изјави Брада за новите креации.

Јагода Пачемска од арт-студиото „Фа-Бу“ која со години изработува најразлични дела прикажа нови уникатни креации изработени од свежо цвеќе.

За прв пат на Моден викенд Скопје „Ателје Магдалена“ ги претстави креациите од колекцијата „Будење“.

„Женскиот фундамент е основната точка на оваа колекција. И прва и последна. Љубов. Потребата да се биде своја, симбиоза на различностите на карактерите, слободата на украсувањето на сопственото тело раскажани во несекојдневните модели создадени од жената за жените. Контрастот на нежнотијата и силната жена споени во колекцијата Будење. Разбудени, среќни, полни со живот“, вели Магдалена Нешковска.

Седумнаесеттиот Моден викенд Скопје се затвори со ревијата на Олгица Ѓоргиева и нејзината колекција „Дестинејшн“. Инспирација за колекцијата е книгата „Мемоарите на една гејша” од Артур Голден.

„Моделите се со чиста линија, минималистички израз, на моменти материјалите с облагородени со детали или принтови. Станува збор за многу практични и комерцијални парчиња. Доминантна е белата боја во целата колекција, а од материјалите се застапени вискоза, памук, жоржет и верзии на сатени. Парчињата се лесни за комбинација, така да во зависност од стајлингот што ќе се направи, би можеле да се носат во повеќе пригоди“, вели дизајнерката Ѓоргиева.

Моден викенд Скопје за сезоната пролет-лето 2018, викендов се одржуваше под мотото „Што ја храни вашата имагинација“.

 

Лејла Сабит   Фото: Ани и Дими