Заврши Моден викенд-Скопје: Не е сѐ во изгледот, туку и во идеите


Идеите го вртат светот, здравјето пред сѐ и стилот не се мери во килограми порачаа синоќа младите модни дизајнери и таленти на затворањето на 18. Моден викенд-Скопје по четири дена дружење, оценување и озборување.

Шик и шок синоќа беа ревиите во хотелот „Мериот“ и со порелаксирано дружење меѓу паузите.

Со неконвенционална мода и вистинска змија на сцената се претставија  „Error Kolektiv“.

„[0.10] error of harmony“ не е бренд. Се стреми да прерасне во движење составено од уметници, архитекти, музичари и скејтери кои преку заеднички проекти би пружиле отпор и би создале свој свет.„Em Ellephantski“ е колаж на човечкото искуство. Емоциите создаваат бои а зборовите форми. Едноставното и сложеното, ахроматското и колоритното, овде не се спротиставен контраст туку хармонија на различности, велат од брендот.

Сара Реџиќ  со професионални манекенки и дами од реалниот живот, со соодветни фризури и шминка ја долови прекрасната колекција „Феникс“ со апликации на облеката од познатите Вилерови гоблени, уметност од нашето детство и младост. Кој не везеше гоблени не беше добра домаќинка во најубавото ЈУ- време. Не се сите жени со става манекенска, да живее плус сајз модата, е пораката на Реџиќ.

– Целта ми беше сите работи кои според мене се многу убави и интересни да ги соберам на едно место, во една целина. Не се базирам на модните трендови, сакам безвременски парчиња кои и денес и после 10 години ќе изгледаат убаво, изјави Сара.

Есенското издание на Моден викенд Скопје заврши со ретроспективната ревија на Александра Јовановска и колекцијата „Архетип“ која е сублимат од нејзиното десетгодишно творештво како моден дизајнер. За сценографијата беше задолжена Екатерина Намичева а избраните песни на македонскиот бенд „FUNK SHIU“.

Манекените, како дел од перформансот, во знак на протест против загадениот воздух во Скопје, носеа маски, а машките манекени, на радост на женскиот дел од публиката, се расоблекоа и ја поддржаа кампањата за подигање на свеста за машко здравје.

„Инспирациите во модните колекции се произлезени од лични доживувања и искуства, најчесто теми поврзани со идентитетот, традиција и културата, социјални и политички актуелности, историски интереси поврзани со земјата на живеење, еротската уметност, како и емоционални, семејни доживувања, модно преведни во рачно сликани мотиви, везови и детали изработени со рециклирање и реставрирање на текстил, изјави Јовановска.

Лејла Сабит    Фото: Моден викенд- Скопје