Забранет пристапот до багерите на Водно


Знак за забрана за движење утрово ги пречека екологистите кои кампуваат на Водно, пред багерите што расчистуваат пат за трасата на магистралниот гасовод. Активистите на предупредувањето од МЕР реагираа со сличен натпис и побараа да не бидат вознемирувани додека уживаат и медитираат во природа.

„Игра на мачка и глушец. Тие нам со табла, ние ним со хартија“, напиша на својот Фејсбук профил познатиот велешки екологист Игор Смилев.

Инаку денеска на Водно нема градежни работи. По неколку денови активности и расчистување на теренот, денеска багерите се мирни. Вчера активистите имаа „блиска средба“ со градежните машини. Тие не сакаа да им дозволат да продолжат да работат, иако работниците добиваа наредби од своите претпоставени дека мораат да го тргаат зеленилото. Екологистите од коалицијата на „Го сакам Водно“ неколку денови повикуват на дебата претставници на МЕР, Градот Скопје и Министерството за животна средина. (С.Н.)