Заболено здравство
Гордана Попсимонова
Здравиот има илјадници желби. Болниот, само една – да оздрави. Така вели народот. Тоа го потврдувам и јас, од аспект на болен човек, до некаде онеспособен, во една фаза и избезумен од болки и од неизвесност. Во последниве два месеца, имав можност да го видам и да го почувствувам на своја кожа.
Во овој мој половина и фазла животен век, единствената комуникација со лекари ми беше со гинеколог и стоматолог. И тоа, откога започнаа да функционираат приватните ординации. На систематски прегледи одев затоа што не ми беше во ред да го казнат деканот поради моите стравови од бели мантили. Да се разбереме, се работи за елементарни, да не речам – најевтини прегледи, кои ги правиме секоја втора година, колку да се исполни законската обврска. Толкава е финансиската сила по факултетите. Ако ни е потребен подетален преглед, одиме кај своите матични лекари. Со тоа што јас немав ниту матичен лекар. Ако евентуално сум го имала, не сум го/ја познавала ниту, пак, видела. Сосема ги прифаќам и ги разбирам вашите коментари додека го читате ова.
Претпоставувам дека може да се сумираат во следното – сама си е виновна за негрижата за сопственото здравје. Јас ќе ви одговорам – толкав ми беше уплавот од системот за јавно здравје. Ќе повторам – системот за јавно здравје е испревртен. Тоа значи дека поединците, односно лекарите, специјалистите, супспецијалистите кои функционираат (или се обидуваат да функционираат) во тој систем, не даваат сѐ од себе да го опслужат пациентот, односно мене.
„Мој термин“ е добра идеја која е лошо реализирана. На вратата од ординацијата кај секој специјалист е уредно истакнат список од пациенти кои си имаат своевремено закажано преглед. Пардон, матичниот лекар им има закажано преглед. Сепак, пред истата таа врата има барем шестмина пациенти кои си чекаат. Веројатно затоа што има и такви, како мене, со „приоритетен“ упат. Намерно користам наводници, затоа што некои тоа „малку“ го подзлоупотребуваат. Сцената оди отприлика вака: Откако ќе ја затворите вратата зад себе, во микроординацијата седи лекарот, со двајца специјализанти. Време за преглед и муабет баш и нема, затоа што треба да се заведе пациентот, да се напише анамнеза, да се напише упат за лабораториски анализи или други клиники. Три минути посветеност, може и помалку. Потоа следуваат шалтери за заверка на упатите на кои се чека далеку повеќе од три минути, па тука нешто се плаќа (земете кеш, не работат терминалите за картичка), па се гледаме за недела дена, или кога ќе бидат готови резултатите од лабораторија. Додека го пишувам ова, уште не се стасани некои од резултатите.
Иако има поминато веќе три недели. Чинам нема потреба да зборувам за инфраструктурата. За некоја среќа во несреќа, јас бев на нога. Со помош на стопанинот кленкав од клиника до клиника, ама сепак подвижна. Можам само да замислам како им е на оние напатени души кои со кревет на тркалца ги превезуваат по џадето каде што врват автомобили, со чадор врз главата на пациентот, преку сите дупки каде што заглавува креветот, преку оние барички и поголеми езерца, непристапни тротоари, паркирани возила… тамам да не е човек болен – ќе се разболи.
Како црешка на шлагот, до вчера немавме министер за здравство. И тука се двоумев – дали ќе беше подобро таа функција да ја извршува човек од браншата кој однатре ги познава проблемите на здравството или човек кој е надвор од здравството, ама од реална дистанца ќе ги согледува проблемите. Не се посреќивме многу со втората варијанта. Напротив, се вративме неколку чекори наназад. Како и да е, ќе треба многу енергија, широка поддршка, далекугледост и мудрост да ни заздрави здравството. Јас бев, видов и… се избезумив од тоа што е.