Жителите на Карпош в петок на протест поради спорните детални урбанистички планови


Жителите на Општина Карпош најавуваат протест за 4 мај пред Уставен суд со цел итно решавање на предметите за спорните детални урбанистички планови.

Од иницијативата „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“ бараат Уставниот суд да ги стави на дневен ред четирите спорни детални урбанистички планови од Општина Карпош кои се доставени до Судот во септември и октомври 2017 година.

Граѓаните се револтирани поради тоа што објектите предвидени со спорните детални урбанистички планови интензивно се градат додека предметите чекаат на одлука од Уставниот суд.

„Она што како граѓани можеме да направиме е да го кажеме јавно нашето несогласување со ваквото крајно арогантно и криминално однесување на судиите и да побараме сите предмети веднаш да бидат ставени како точка на дневен ред на следната седница. Од Владата бараме во најбрз можен рок да спроведе соодветни измени на законите каде уставните судии нема повеќе да се недопирливите, каде нивната работа ќе подлежи на контрола, со јасни казнени одредби, каде ќе има рокови во кои ќе мора да одлучат по примените предмети, каде судијата може да биде разрешен“, стои во повикот за протест.

Граѓаните на Општината исто така започнаа и онлајн-петиција во која меѓу другото стои:

„Се работи за основно човеково право на здрава животна средина, право кое последниве години дел по дел го губиме. Секоја педа зеленило ја покрија со бетон, никнуваат згради како симболи на моќта на профитот над правото на обичниот граѓанин. Баравме парк наместо згради, ама немало законска можност – сами ја најдовме, поднесувајќи претставки за 4 ДУПа на територија на Карпош. Се работи за огромен станбен комплекс по течението на реката Вардар, одземајќи го единственото струење на свеж воздух кое преостана на неколку илјади жители во Карпош. Се работи за преостанати зелени паркчиња во Влае и Карпош 3, нов трговски центар во близина на Сити Мол, се работи за комплексот НАСТЕЛ во Тафталиџе и други 20 згради – да докажеме дека се спорни, дека некои носеле одлуки во името на граѓаните, а на нивна штета.

И не се работи само за дуповите, се работи за моќта на граѓаните да се изборат за своите права. Не сакаме да бидеме центар на моќ само на денот на изборот, не смееме да се помириме дека сме немоќни дури и кога правото е на наша страна. Институциите кои треба да не штитат, со години забораваат дека народот е тој што ги плаќа и за кој што треба да работат. Затскривајќи се зад тешки бирократски правила пробуваат и за жал успеваат да демотивираат дел од граѓанскиот активизам.

И покрај многуте демотивирања, дека нема шанси да успееме, дека се работи за големи пари, дека сите се купени – сепак верувавме во Највисокта правна институција. Предметите се толку едноставни и јасни, потврдени доказите и од општината, но сепак се заборавени во нечии фиоки.

Прашуваме зошто? Просечно време е околу 4 месеци, ни рекоа кога ги поднесовме, поминаа 7, 8, зградите немаа темели сега до 5 кат стигнаа. До кога треба да чекаме, додека не се изградат сите, па тогаш нашето добиено право да биде за потсмев? НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ“.