Жив или мртов договор


 Ерол Ризаов

Тие што го прогласија за мртов договорот со Грција и тие што го потпишаа, тие што го поддржуваат и тие што се против, ќе мора да ја преземат одговорноста за последиците ако го погребат живиот и двапати ратификуван договор од мнозинство пратеници во Собранието на Македонија. Испоставата на претходното криминогено раководство на антиевропската и анахрона револуционерна националистичка политичка партија ВМРО-ДПМНЕ и прорускиот претседател Ѓорге Иванов со својата антиевропска и анти НАТО активност нанесоа големи штети во остварувањето на стратегиските цели на државата и на граѓаните.

Штетите се толку големи што, дури и ако парламентот ги усвои уставните измени, или ако партиите за европска Македонија убедливо победат на предвремени избори и обезбедат двотретинско мнозинство, поделеноста на македонското општество ќе потрае уште извесно време по нејзиниот прием во НАТО и во ЕУ. Тоа значи уште најмалку 10 години. Тоа е оптимистичката прогноза. Од друга страна, трагични се проценките што ќе се случува со Македонија ако по сопствена вина целосно пропадне последната етапа од нејзините евроатлантски интеграции и се откажеме пред целта на тешкиот маратон, кој го трчаме со децении.

Предупредувањата на домашните и на странски авторитети дека ова е последна шанса за влез во европското семејство не ги дадоа очекуваните резултати референдумот да биде празник на демократијата, а уште помалку толкувањата и настаните по минатонеделното (не)изјаснување на граѓаните со цензус кој го има во уставот, но го нема во реалноста. Ѓорге Иванов и Христијан Мицкоски се главни гласноговорници на штабот на антиевропските интеграции на Македонија. Тие ги поништија 650.000 гласови на граѓаните кои гласаа, а ДИК и сите институции во државата не се чувствуваат надлежни за реалноста на фантомскиот избирачки список кој расте секоја година, додека се намалува бројот на жители.

Не се потребни студиозни анализи и сценарија ниту, пак, дополнителни предупредувања од врвот на ЕУ и на НАТО што следува ако се поништи договорот со Грција. Во тој случај, фактите со голема сигурност навестуваат дестабилизација на земјата со добри изгледи за распад. Испадна дека најлесна работа ќе биде да се поништи договорот, кој е веќе двапати ратификуван во Собранието на Македонија и на тој начин да се спаси уставното име, а сè друго да се доведе под голем знак прашање. Ќе имаме уставно име, без додавката северна, а дали ќе имаме држава и ако имаме каква ќе биде нема одговор од противниците на договорот, не од тие кои гласа против на референдумот, туку од тие кои на 30 септември апстинираа, чиј молк го присвои старо-новото раководство на ВМРО ДПМНЕ. Барајќи спас од правдата и од судските разврски, противниците за членство во НАТО и во ЕУ уште проповедаат приказни дека е можен нов договор со Грција, поповолен од овој и дека тие ќе ги отворат вратите на НАТО и на ЕУ кога ќе дојдат повторно на власт. За нив не важат ни фактите, ни сосема јасните пораки не само од врвот на НАТО и на ЕУ, туку и од државниците на најмоќните западноевропски земји и светски велесили, од многубројни докажани пријатели на Македонија и од лидерите на сестринските десничарски и народни политички партии кои се згрозени од антиевропскиот курс на ВМРО-ДПМНЕ.

Во вака поделена Македонија најрационалното, најпрагматично и најпаметно решение е во Собранието да се овласти претседателот Талат Џафери да го потпише ратификуваниот договор бидејќи претседателот на државата противуставно одбива тоа да го направи и да се објави во „Службен весник“. Потоа да следува едногласно прифаќање на амандманите за уставните измени предвидени со договорот од Преспа. Со тоа ќе се стават сите релевантни политички партии и пратеници рамносилно пред граѓаните како најодговорни за историската одлука. Со тек на времето жртвите ќе станат јунаци за правилниот и храбар избор.

Со изборите работите стојат покомплицирано. Тие можат да донесат посакувана победа, но со дополнителни тешки последици. Ако победат европските партии со двотретинско мнозинство ќе се усвојат уставните промени, но ќе се отворат многу други проблеми кои веќе се најавени и други уставни измени кои не се предвидени во Договорот. Победата пак на европски ориентираните партии без двотретинско мнозинство ќе биде рамна на пораз, односно повторно пат позиција и уште поголемо продлабочување на кризата. Победата на противниците на евроатлантските интеграции, односно на ВМРО ДПМНЕ ќе означи конечно збогување на Македонија од НАТО и од ЕУ. Освен ако не го потпишат договорот под итна постапка не прифаќајќи дека направиле голема измама и непризнавајќи дека не бил договорот во прашање, туку враќање на мафијата на власт. Последниот настап на Христијан Мицкоски, во кој бара замена на Специјалното јавно обвинителство, јасно кажува дека целиот состав на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот ќе крене две раце, ако треба и по некоја нога, за прифаќање на договорот само партискиот врв да не оди во затвор.