Живот по животот
Звонко Давидовиќ
Роден сум и живеам во една мала чудесна земја која ние ја нарекуваме Република Македонија, а некои наши соседи ја нарекуваат бивша југословенска Република Македонија. Мојата земја се наоѓа на европскиот континент, но сите нѐ нарекуваат Балканци. Повеќето од луѓето што живеат на ова парче земја сметаат дека потеклото им е словенско и дека ѝ припаѓаат на групата словенски народи, а другите сметаат дека се потомци на Александар Македонски. Едните сметаат дека другите се предавници, а другите сметаат дека првите се странски платеници. Секој секого овде смета за нешто, но најчесто тоа нешто е ништо и секој секого плука и колне.
Покрај двојното име, ние имаме и двојни аршини. Кога се во прашање законите, имаме две обвинителства, два кривични законика. Голем дел од народот има и две државјанства. Во мојата земја имаме партии од македонскиот национален блок и албанскиот национален блок. Македонските партии се повторно две најголеми кои периодично се менуваат на власта.
Во мојата земја имаме и два живота, оној едниот што го живеевме пред да дојде вториот, животот за секого.
Во животот пред животот, кој некои го нарекуваат режим, живеевме на рати и со кредити, живеевме со долгови и позајмици. Во тој живот пред животот пензиите беа мали, а невработеноста голема, народот задолжен и сиромашен, Владата богата и расипничка. Се градеше барок од гипс-картон, галии се поставуваа во непловна река, палми се садеа, а липите, тополите и брезите се корнеа. Наместо зеленило и трева, секоја педа се поплочувше со бекатон.
Вработувањата беа партиски, а тендерите роднински. Собранието беше продолжена рака на Владата, а пратениците со кревањето на раката или стискањето на копчето ги аминуваа нејзините желби. Секој беше самостоен во својата работа и одлучувањето по налог на Владата и партијата. Партијата и Владата ги предлагаа кандидатите за судии, а Судскиот совет самостојно ги избираше по нарачка од тефтерчето. За да не заборави Владата, претседателот на Судскиот совет го потсетуваше премиерот преку секретарката кои места се слободни, за Владата да предложи кандидати за судии што тие ќе ги изберат. Најнеспособните беа на највисоките позиции во судството, а уште понеспособните ги избираа на седниците по извршената координација во канцелариите. Правдата и законот беа еднакви за сите обични луѓе, но не и за партиските членови и бизнис-партнерите. За нив важеа некои други правила. Притворот се определуваше исто како што се и правораздаваше, од ракав и по нарачка.
Се градеше и се крадеше, а се одговараше и се одеше во притвор само ако те гони јавното обвинителство, а се одеше на службен пат или во Грција на одмор ако те гонеше специјалното јавно обвинителство.
АКМИС-системот вршеше рачно-автоматска распределба на судските предмети по желба и нарачка на претседателите на Основниот суд во Скопје и на оној највисокиот, Врховниот суд, а Судскиот совет поради ваквата успешност ги наградуваше претседателите за добрата манипулација со АКМИС-апликацијата.
А, тогаш пукнаа „бомбите“ и вистината нѐ погоди со сета своја жестина, некого пријатно, а некого непријатно, се разбира. Дојде и пројде „Шарената револуција“, а со неа пројде и режимот, а дојде животот по животот.
Во животот по животот , наречен живот за сите, продолживме да живеевме на рати и со кредити, со долгови и позајмици. Пензиите и понатаму се мали, а невработеноста голема, народот задолжен и сиромашен, но сега во овој живот и Владата е сиромашна, а државата задолжена. Повеќе не се гради ништо затоа што нема пари, оној претходниот живот ги потроши, галии останаа на суво, а палмите се исушија.
Вработувањата се повторно партиски, Собранието е продолжена рака на Владата, а пратениците со кревањето на раката или стискањето на копчето ги аминуваат нејзините желби. Секој е самостоен во својата работа и одлучувањето но овој клиентелистички и поданички пат за да ѝ се додвори на Владата и за да го сочува своето незаслужено место подарено од претходниот живот. Во Судскиот совет седат истите сончогледи кои сега се прават дека ништо ни слушнале, ни виделе, ни знаеле. Полтронски и подлизурковски, каков што им е и карактерот, ѝ се додворуваат сега на новата влада за да ги заборави и нив и нивните незаконски дела. Најнеспособните и понатаму се на највисоките позиции во судството, а оние уште понеспособните и понатаму ги избираат на седниците по извршената координација во канцелариите. Правдата и законот се еднакви за сите обични луѓе, но не и за оние што се партиските членови и бизнис-партнерите на оној претходниот живот, инклузивност на дело, што да правиш. Притворот се определува исто како што се и правораздава, од ракав, а се одговара и се оди во притвор само ако те гони јавното обвинителство, а не ако те гони специјалното јавно обвинителство.
За АКМИС-системот се утврдија фактите и се прибраа доказите, ама не и виновниците, никој досега во овој живот по животот сѐ уште не одговарал за она од претходниот живот.
Морам да признаам дека навистина дојде живот за сите, особено за криминалците и најодговорните за претходниот живот и режим, не им фали ни влакно од глава ни денар од украдените пари.