Жешко музичко лето: Регионалните ѕвезди со концерти во Скопје и во Охрид


Прва регионална ѕвезда со летен концерт во Македонија е хрватската поп-ѕвезда Нина Бадриќ, в сабота, во Македонската филхармонија во Скопје. Нина во Скопје ќе ги изведе најубавите песни од својата музичка кариера, а ќе има и низа други музички изненадувања.

Во Античкиот театар во Охрид, на 14 јули, првпат концерт ќе одржи поп-ѕвездата од Хрватска, Масимо Савиќ. Во Охрид во јули доаѓаат и регионалните музички ѕвезди Северина Којиќ и Цеца Ражнатовиќ , на стадионот „Билјанини извори“. На 27 јули Северина, а наредната вечер, на 28 јули, концерт ќе одржи Цеца.

Едно време недостижни, во Скопје или во внатрешноста ги гледаме на секоја или на неколку години. На еден, два, три часа… На заемно задоволство.

Цеца, лани во октомври пееше во Куманово, пред тоа во март имаше концерт во Скопје, а преклани одржа концерти во Турново, Струмица, Македонска Каменица, Прилеп, Охрид… Секогаш успеваше да привлече десетици илјади публика. Северина, пак, лани во септември пееше во Кавадарци, а пред тоа има одржано концерти и во Скопје, Струмица, Берово и други градови во земјава.

На 3 август, на стадионот „Билјанини извори“ е солистичкиот концерт на Марија Шерифовиќ.

Таа минатата недела одржа и голем концерт во Белград, специјална гостинка ѝ беше Лепа Брена, а пред два месеца се дружеше и со македонската публика, но на скопски терен, во ВИП-арената „Борис Трајковски“.

Случајно? Не. Тие се најголемите балкански ѕвезди. Ние сме најдобрата ексјугословенска публика. Тие пеат за пари. Ние слушаме за душа. Тие заработуваат. Ние уживаме. Тие се рекламираат. Ние полниме сали и стадиони. Тие се шармантни. Ние сме гостопримливи. Тие се професионалци. Ние сме носталгични по едно убаво време. Тие пеат љубовни песни. Ние се препознаваме во нив. Тие се згодни. Ние сакаме да изгледаме како нив. Тие се од соседството и од регионот. Ние не признаваме граници. Тие често гостуваат. Ние имаме јаки спонзори. Тие ги полнат трач-рубриките. Ние ги голтаме. Тие се искусни. Ние сме млади во духот. Тие имаат хитови. Ние им ги знаеме сите. Тие се достапни. Ние сме пресреќни.