Жерновски на 73-та сесија на Генералното собрание на ОН


Заменик министерот за надворешни работи  Андреј Жерновски од денеска ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, каде што ќе учествува  на 73-та сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.

Во тек на престојот, предвидено е да учествува на билатерални средби со високи претставници на држави и влади, учесници на Генералното собрание.

Утре на покана на државниот секретар на САД, Мајк Помпео, Жерновски ќе присуствува на традиционалната годишна Трансатлантска вечера.

На покана на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, заменик министерот ќе присуствува на работна вечера со претседателите на Владите на земјите од Западен Балкан, како и на работниот појадок со мнистрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, организиран од страна на Регионалниот Совет за соработка.

Исто така, за време на Генералната дебата на ОН, ќе присуствува и на Мировниот самит Нелсон Мандела 2018, како и на состаноците на министрите за надворешни работи организирани од страна на Централно Европската Иницијатива и на Јадранската повелба.

– Фокусот на активностите на Жерновски, покрај темите од агендата на ГС, ќе биде ставен врз билатералната соработка, напредокот во реализацијата на стратешките надворешно-политички цели на РМ, со акцент на промовирање на новиот пристап во решавањето на билатералните и регионалните прашања, и во тој контекст на преземените активности, реформите на национален план, итн., информира МНР.

Посебен акцент, како што истакнуваат, ќе биде ставен на афирмација на придобивките од договорот со Грција за надминување на разликата околу името, вклучително и на низата активности во рамките на ОН што би следеле по неговото стапување на сила. Воедно ќе се афирмираат започнатите активности за забрзување на реформските процеси што се основа за членството на РМ во ЕУ и НАТО.