„Женски приказни“ во Македонската филхармонија за Денот на жената


Македонската филхармонија овој четврток, 8 март, приредува симфониски концерт под наслов „Женски приказни“. На подиумот ќе застанат две млади, но искусни и извонредни уметнички – нашата диригентка Елена Митревска која кариерата ја гради на европските сцени, како и истакнатата пијанистка од Германија, Олга Шепс.

„Она што Шепс го прави не е фино или слатко, тоа што таа го прави го одзема здивот“, гласи една од критиките за пијанистката која пред македонската публика ќе го изведе познатиот Концерт за пијано и оркестар бр. 3 од Лудвиг ван Бетовен.

На програмата оваа вечер се и Увертирата „Леонора“ бр. 3, повторно од музичкиот гигант Бетовен, како и избор од експресивните две свити „Арлезијанка“ од францускиот композитор Жорж Бизе.

Младата, но веќе искусна и талентирана диригентка Елена Митревска дипломира на Одделот за музичка теорија и педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2008 година. Македонското деби како диригент го остварува во 2015 година со Камерниот оркестар на Музичката младина, во рамките на „Охридско лето“ и „Скопско лето“. Од 2016 година е ангажирана како хор-мајстор во операта во Овиедо, Шпанија.
Руската пијанистка Олга Шепс почнува да изучува пијано на само петгодишна возраст. Како „Стенвеј“ артист, Олга Шепс денес живее во Келн, настапувајќи на голем број фестивали за класична музика надвор од нејзината земја, со видни оркестри и диригенти.