Женска вечер на Скопски џез фестивал


Данската саксофонистка Мете Расмусен, уникатниот многуброен женски вокален состав „Трондхејм војсис“ (Trondheim Voices) и специјалното трио на португалската трубачка ѕвезда Сузана Сантош Силва, настапуваат вечер на Скопскиот џез-фестивал (СЏФ).

Полноќниот термин е резервиран за возбудливото и динамично џез-трио „Мопо“ (Mopo) од Финска.

СЏФ ги најави вечерашните концерти како ексклузивни.

„Глава полна со идеи“, вака се опишува музиката на Расмусен, која живее и работи во Трондхајм, Норвешка. Таа е претставник на новиот бран екстремни инструменталисти – импровизатори. Користи различни техники на свирење, а нејзините настапи ги обединуваат публиката и уметникот.

Уникатниот многуброен женски вокален состав „Трондхејм војсис“ ќа понуди впечатлив аудиовизуелен перформанс. Суптилната интеракција меѓу пејачките, дизајнерот на звук и публиката секојпат создава нова музика. Револуционерниот и иновативен норвешки ансамбл креира уметност на звукот, постојано предизвикувајќи ја и менувајќи ја структурата на композицијата.

Сузана Сантош Силва доаѓа со извонредниот холандски саксофонист, кларинетист и композитор Аб Баарс, како и со чикашката легенда Хамид Дрејк. Светската критика последниве години ја смета Силва за еден од најмоќните нови експоненти на современиот џез и импровизацијата.

Посебно уживање се очекува од звуците на џез-триото „Мопо“ по 24 часот во МКЦ. Овој моќен состав е во центарот на вниманието меѓу светските музички инфлуенсери поради уникатната фузија на панк, џез и инспирацијата од природата во Финска.

Годинашниот Скопски џез фестивал почна во четвртокот со настап на најдобриот британски џез-пијанист денес – Александер Хокинс, по кој свиреше славниот американски саксофонист Дејвид Мареј со својот квартет, а во МКЦ беше гитаристот Арто Линдзи и тапанарот Пал Нилсен Лав.

Вчера, пак, на програмата беа проектот „Reflections and Meditations on Monk“ на трубачот Вадада Лео Смит, култната њујоршка тројка „Хариет Табман“ и некогашниот фронтмен на „Sonic Youth“, Трстон Мур во Дансинг салата во МКЦ.