Жбогар: До 2025 речиси невозможно е некоја земја од Западен Балкан да влезе во ЕУ


Стратегијата на ЕУ за проширување со земјите од Западен Балкан нуди јасна европска перспектива за сите шест земји од регионот, но Брисел нема да дозволи прием на земји со отворени прашања, изјави на денешната прес-конференција во Скопје шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија амбасадорот Самуел Жбогар по презентацијата на стратегијата во Стразбур.

Во однос на временската рамка што се наведува во Стратегијата, во 2025 година да бидат примени нови членки во Унијата, Жбогар рече дека тоа е мошне амбициозен датум и дека тој не претставува краен рок, туку тоа е потенцијален краен датум на кој треба да се гледа како на охрабрување на земјите во спроведување на потребните реформи и исполнување на критериумите.

-Оценките се дека ниту една од земјите кандидатки, според постојното ниво на реформи и постигнување, не е подготвена за прием во Унијата и оти треба драматично да се променат работите кај секоја од шесте земји во однос на интензивирање на реформите и да им се покаже на самите земји членки дека постои вистинско приближување кон стандардите на ЕУ, изјави Жбогар.

Во Стратегијата, додаде, јасно е посочено оти ЕК е подготвена да почне преговори за пристапување со Македонија и оти е значајно да има национален консензус во однос на европерспективите и да се поддржат реформите.

Запрашан за Македонија, амбасадорот Жбогар рече дека во Македонија е направен голем прогрес во реформите во изминатите неколку месеци, но, исто така, укажува и дека Комисијата е подготвена да отпочне претпристапни преговори со Македонија. Притоа, значајно е, се наведува, да има национален консензус за пристапување кон ЕУ како и да се поддржат реформите што се спроведуваат.

Во овие процеси, според Жбогар, треба да се вклучат сите страни, вклучувајќи ја опозицијата, како и граѓанскиот сектор.

Во однос на добрососедските односи кои се исто така еден од принципите на ЕУ и се однесува на сите земји кандидати, Жбогар укажа на договорот со Бугарија како одличен пример на решавање на отворени прашања инициран од страна на двете земји, а го спомена и обновувањето на преговорите со Грција кое, според него, е охрабрувачко.

– Многу е добро ако постои дијалог. Мислам дека постои атмосфера за решавање на овој проблем. Веруваме дека процесот ќе заврши успешно. Самите преговори се одвиваат под закрила на ЕУ и треба да продолжат кон таа насока, оцени Жбогар.

Евроамбасадорот Жбогар попладнево Стратегијата треба да му ја предаде на премиерот Зоран Заев.