ЕУ ќе соработува со Балканот во борбата против тероризмот


Министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ в четврток во Брисел ќе разговараат за зајакнување на соработката со земјите од Западен Балкан на полето на безбедноста и борбата против тероризмот и организираниот криминал.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, земјите членки на ЕУ на овој состанок ќе разгледуваат начини како да им се помогне на државите од регионот да ја зајакнат соработката на овие полиња,

Станува збор, воглавно, за борбата против организираниот криминал, шверцот, зајакнат дијалог во борбата против тероризмот и радикализацијата, засилена размена на информации за странските терористички борци, како и зајакната соработка на полето на миграцијата и контролата на границите.

Брисел очекува од земјите во регионот да го зајакнат својот институционален капацитет во овие области, но и да најдат начини како ЕУ да им помогне на овир држави во остварувањето на потсвените цели, преку поголема соработа, меѓу другото, и со надлежните европски или меѓународни агенции.

Овој пат, на маргините на овој состанок на министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ, во делот на дискусиите за Западниот Балкан ќе бидат вклучени и министрите на Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија, информира Советот на ЕУ.

– Дебатата на овој министерски совет ќе биде општа. Европската Комисија треба да изработи документ со конкретните чекори, а тој потоа ќе треба да биде усвоен на самитот во Софија, изјави висок дипломатски извор во Советот на ЕУ.

Оваа инцијатива произлегува од февруарската стратегија за проширување на Европската комисија, во која се наброени задачите што земјите од Западниот Балкан треба да ги направат за приближување кон ЕУ.