ЕУ се подели околу двојното сметање на времето


Планот на Европската комисија за отстранување на двојното сметање на времето пред европските избори следниот мај, наиде на спротивставување од земјите членки, изјавија пет дипломати за „Политико“.

Претседателот на комисијата, Жан-Клод Јункер, ја претстави оваа идеја за време на својот говор за состојбата на Унијата во септември ветувајќи дека ќе стави крај на менувањето на времето во 2019 година. Но, дипломатите велат дека нацрт-текстот нема суштински детали и претстои тешка задача тој да се усвои до крајот на април, кога земјите треба да одлучат кој временски систем ќе го усвојат.

„Комисијата фрли некомплетен закон во скутот на земјите и рече: ‘Ние ја завршивме нашата работа, а сега вие завршете ја својата“, изјави дипломат од западноевропска земја.

Друг изјави дека некои земји членки сметаат дека Комисијата треба да има координативна улога, наместо едноставно да им понуди избор – летно или зимско време. Според планот на Комисијата, земјите треба да го известат Брисел до 31 март 2019 година за она што сакаат да го направат, а потоа да дојде до запирање на промената на часовникот.

Тоа значи дека главните градови треба брзо да одлучат какви се нивните позиции. Комесарот за транспорт Виолета Булц во септември изјави дека Португалија, Кипар и Полска се наклонуваат кон летното време, додека Финска, Данска и Холандија го преферираат зимското време, иако не е утврдена ниту една позиција.

Грција е единствената земја членка на ЕУ која сака да го задржи сегашниот начин на менување на времето, велат двајца официјални претставници, иако предлогот на Комисијата ја исклучува опцијата за статус кво.

На состанокот на работните групи на националните делегации во понеделникот, 16 земји говореа против планот, велат официјалните претставници информирани за разговорите.

Аташеата повторно ќе се состанат в понеделник за да го прегледаат текстот и да постигнат консензус, пред неформалниот состанок на министрите за транспорт во Грац, Австрија, кон крајот на овој месец.

Но, земјите велат дека им треба време да спроведат национални консултации за предлогот,  а потоа ќе се координираат со соседите за да се избегнат прекугранични шизми ако едниот сака постојано лето, а другиот бескрајна зима.

Комисијата тврди дека нејзиното барање за брз напредок во законодавството се должи на огромниот одговор на јавната консултација за ова прашање. Околу 84 отсто од 4,6 милиони испитаници во анкетата се залагаа за укинувањето на системот, кој е стандард на ЕУ од 1996 година.

Но, дипломатите забележуваат дека стапката на одговор варира низ целиот блок. Додека околу три милиони Германци го дадоа својот став, само околу 20.000 Италијанци одговорија на прашалникот.

Западноевропски дипломат ја поврза брзината на Јункер со досието за европските избори следната година. „Тоа е сезона пред кампањата и може да биде брза победа“.

Земјите членки на ЕУ, исто така, сакаат подетални оцени како промената на времето ќе влијае на сите работи, од патниот транспорт до финансиските пазари.

На пример, операторите на железничкиот сообраќај ќе треба да ги променат своите возни редови неколку месеци однапред. Тоа е потенцијална главоболка и за авиокомпаниите.

Истражувањето што Комисијата го посочи во својот предлог „не е навистина убедливо“, рече друг дипломат. „Одлучувањето во корист или против е една работа… Но, тука е и прашањето за спроведување“.

Комисијата не одговори на барање за коментар. (Политико)