ЕУ: Русија и Иран да не дозволат Сирија повеќе да користи хемиско оружје


Европската унија денеска ги повика Русија и Иран да го искористат влијанието врз сириското раководство за да се спречи натамошно користење на хемиско оружје од страна на Дамаск.

– ЕУ ги повика сите држави, особено Русија и Ирак, да го искористат влијанието, за да се спречи натамошно користење на хемиско оружје, особено од сирискиот режим, изјави претставник на Унијата на состанокот на Извршниот одбор на Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОПЦВ) што се одржува во Хаг.

Вонреден состанок на Извршниот одбор на ОПЦВ е посветен на тврдењата за употреба на хемиско оружје при напад на 7 април во градот Дума во Сирија.

Тврдењата за нападот ги објави сириската невладината организација „Бели шлемови“, која, според руското Министерство за одбрана, не може да се смета за доверлив извор на информации.

Рускиот Центар за помирување на спротивставените страни во Сирија соопшти дека на 9 април негови претставници биле во градот Дума, но не пронашле докази дека било користено хемиско оружје.

Британскиот претставник во ОПЦВ, Питер Вилсoн рече дека на состанокот од 2014 година Организацијата во Сирија регистрирала над 390 инциденти за кои се тврдело дека имало незаконско користење на отровна муниција .

Тој повика на колективен одговор по „нападите во Дума“.

Францускиот претставник на состанокот, Филип Лајо рече дека по саботните воздушни напади на САД, Велика Британија и Франција во Сирија, приоритет треба да биде усвојувањето на мерки што ќе овозможи на ОПЦВ да ја „ликвидира илегалната сириска хемиска програма“.