На Самитот во Софија историска одлука за укинување на роамингот за Западен Балкан


Големи се шансите на Самитот на Европската Унија кој се одржува во Софија да биде донесена одлука за укинување на роамингот за државите од Западен Балкан. Доколку се случи тоа, по подолго време тоа би бил прв позитивен сигнал од ЕУ за граѓаните на овој регион.

Уште од 2014 година Србија со поддршка на Црна Гора, Македонија и БиХ покренува иницијативи да им укине роамингот во земјите од ЕУ. До сега секој таков обид беше неуспешен.

Сепак, како што изјави за „Блиц“, Расим Љајиќ минисер за трговија и телекомуникации, откако Бугарија го презема претседателството со ЕУ тие ја реактивирале таа иницијатива и најавиле дека можеби на Самитот во Софија би можела да биде потпишана заедничка изјава за укинување на роамингот за сите земји од Западен Балкан.

Тоа поконкретно би значело дека граѓаните на Србија на патувањата во ЕУ би плаќале иста цена за услугите како во домашниот сообраќај.

Сепак се уште е неизвесно дали ќе се случи тоа.

– Доколку биде потпишана изјава за укинување на роаминг за државите од нашиот регион, тоа би бил голем чекор за нас. Тоа исто така би бил многу добар сигнал кон граѓаните од Западен Балкан, од што корист би имал секој поединец. ЕУ вложува многу пари во разни проекти, но тие се на долги стази. Ова би бил опиплив резултат – вели Љајиќ.

Тој меѓутоа додава дека патот од донесување одлука до укинување на роамингот е компликуван и оти во овој момент не може ни да се шпекулира колку би можело тоа да трае.

– Следниот чекор би биле разговори со телекомуникациските оператори со кои треба да се договориме како да ја имплементираме таа одлука, наведува министерот за телекомуникации и вели дека преговорите меѓу земјите во ЕУ за укинување на роамингот траеле речиси десет години.

– Тоа е сериозна работа затоа што во прашње се големи пари, додава тој.

Судејќи според неодамнешната изјава на бугарскиот министер за транспорт, можно е пред самото укинување на роамингот да бидат намалени цените за телефонирање за граѓаните на Србија и Македонија и тоа би можело да се случи веќе во август. Тој рече дека мобилните оператори во Бугарија, Србија и Македонија работат на потпишување на тој договор.