ЕУ направи се за Договорот, решението за Брегзит мора да го пронајде Лондон


Европска Унија жали поради исходот од гласањето во Долниот дом на британскиот Парламент, но ние не можеме повеќе да направиме за да и помогнема на премиерката Тереза Меј за да обезбеди ратификација на договорот за Брегзит, изјави портпарол на Советот на ЕУ.

Како што јави германската новинска агенција ДПА, тој наведе дека ЕУ е разочарана што британската Влада не успеа да обезбеди мнозинство за Договорот за Брегзит.

– Од страна на ЕУ ние направивме се што е можно за да и помогнеме на премиерката да постигне Договор. Ние не можеме да направи ништо повеќе. Ако постои решение за моменталниот застој, тогаш тоа треба да се бара во Лондон, истакна тој.

Долниот дом на британскиот Парламент вечерва со 391 глас „против“ и 242 гласа „за“ вторпат го отфрли Договорот за Брегзит, што претставува нов тежок удар за обидите на премиерката Тереза Меј за регулирано истапување на Велика Британија од ЕУ.