ЕУ и даде на Приштина рок од четири месеци за формирање на ЗСО


Европската унија денеска ја поздрави најавата дека претседателот на Косово, Хашим Тачи и премиерот Рамуш Харадинај ја активирале раководната група која ќе работи на подготовка на предлог-статуот на Заедницата на српски општини (ЗСО), нагласувајќи дека Приштина има рок за тој процес од четири месеци.

– Најавата дека и е даден мандат на раководната група да го изработи предлог-статуот на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово е добредојдена. Изработката на предлог-стаутот почна и треба да заврши во временска ранка од четири месеци, се наведува во соопштението на Европската служба за надворешни работи.

Во текстот се нагласува дека овој „долгочекуван чекор“ овозможува почеток на импелентацијата на договорот за Заедницата на српски општини, што е обврска која Косово ја презеде во рамки на дијалогот Белград-Приштина во кој посредува ЕУ и која произлегува од спогодбите од Брисел од април 2013 и август 2015 година.

– ЕУ ќе ги повика главните преговарачи на Белград и Приштина, нивните тимови, како и раководната група и техничките експерти на разговори во Брисел, со цел конструктивно и во знак на добра волја да се ангажираат во процесот на изработка на предлогот, се додава во соопштението.

Во исто време, директорката за Западен Балкан и Турција во Европската служба за надворешни работи, Ангелина Ајхорст, која се наоѓа во посета на Приштина, порача дека Косово мора да го спроведе договорот за ЗСО.

– Несогласувањата меѓу Приштина и Белград мора да бидат решени во духот на мирот и преку дијалог, порача Ајхорст.

Портпаролката на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, Маја Коцијанчич во вторникот порача дека главен приорите за Косово „е да дејствува во согласност со договорот“ за воспоставување на Заедницата на српски општини.

Најголемата партија на косовските Срби, Српската листа, кон крајот на март најави дека ако до 20 април Приштина на ја воспостави ЗСО, тогаш претставниците на 10-те косовски општини со мнозинско српско население самостојно ќе ја формираат Заедницата. Ваквата одлука на Српската листа беше поддржана и од властите во Белград.