ЕУЛЕКС ќе се трансформира во советодавна мисија


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска најави дека Мисијата на ЕУ во Косово за владеење на правото ЕУЛЕКС, од идниот месец ќе добие советодавна улога.

Харадинај денеска имаше средба со раководителката на ЕУЛЕКС, Александра Пападопулу, со која разговарал за улогата на Мисијата по 15 јуни, кога истекува нејзиниот сегашен мандат.

Во 2008 година, кога Приштина прогласи независност од Србија, ЕУЛЕКС доби задача да му помага на Косово на патот кон европските интеграции и во изградбата на судскиот систем, полицијата и царината.

Мисијата има тимови од судии, обвинители и полициски службеници, кои работат заедно со локалните колеги. ЕУЛЕКС, исто така, ги поддржува преговорите меѓу Србија и Косово во областите поврзани со владеењето на правото.