Најдобрата работа во светот
Ерол Ризаов
Еве ме, почитувани читатели во дневен весник и на интернет пак со вас. Ќе се дружиме често, се надевам на заемно задоволство. Учтивоста ми налага да не почнам со високата политика, туку со нас. Да погледнеме прво во нашиот двор, што се случува со новинарството, најдобрата работа во светот, како што некогаш пишуваа и тврдеа тројца нобеловци, новинари и писатели планетарно познати и признати: Маркез, Ками и Хемингвеј.
Можеби сум испуштил уште некој од големите и славни творци, наш поранешен колега, кој ја применил препораката на Хемингвеј дека новинарството е прекрасна работа, ако навреме се напушти, па така се спасил. Македонските новинари ја немаа таа шанса навреме да си заминат и да живеат пристојно од пишување бидејќи од пишување во Македонија не се живее, освен ако не пишувате текстови што нигде не се објавуваат, а добро се плаќаат. Никогаш во моите четири и кусур децении во професијата не сум видел понесреќни и попонижени новинари како што е сега случај. Не паметам кога професијата била толку девалвирана и потценета. Како да поминало цунами во тесниот медиумски коридор од Табановце до Гевгелија. По повлекување на плимата, излезе на виделина целиот гнилеж. Стотици новинари останаа без работа и живеат буквално во беда од денес до утре од социјална помош која овде се вика надомест за стечајци и која има рок на траење помалку од скуши во длабоко замрзнување.
Трчаат познати и професионални новинари по маркетинг-агенции да бараат работа, молат за донации по разни амбасади и невладини организации, тропаат на вратите на Владата каде што слушам, и не ми се верува, била сместена најголемата редакција, ги гледам некои од нив како канцелариски писари по општините и разни министерствата, бинго е да се сместат во позната компанија чии менаџери до вчера имаа трема кога зборуваа со нив, го нудат своето достоинство како на акшам-пазар само за да преживеат. Новинарите без работа не им завидуваат на колегите кои имаат работа и кои копаат како во рудник секој ден произведувајќи духовна храна речиси бадијала. Само политичката и партиската пропаганда сѐ уште има висока цена, сѐ друго што припаѓа на чесно информирање и едукација на граѓаните е жива евтинија, речиси бадијала. Во Македонија нема повеќе насмеани новинари, познати спадала и шегобијци, нема новинарски дружби и шали. Има бофл и бербатлаци колку сакаш, само стисни на мобилниот, или на далечинското и ќе видиш стотици гадости. Меѓународните хохштаплери во ортаклак со политиката ги ограбија и новинарите, и новинските куќи, и редакции, и сите граѓани празнејќи го буџетот и плаќајќи баснословно највисоки цени на дуњава за останување на власт на тираните и попречување на правдата. Се разбира, има и богати уредници, новинари и газди на медиуми. Ептен богати. Овој текст не е посветен на нив. За нив ќе пишуваат во образложенија судиите на редовните судови, а можеби ќе се погоди и некој со кој имале добра соработка при нарачка на пресуди.
Тоа се тажните последици на политиката и криминалната сопственост на најголемиот број македонски заробени медиуми кои од новинарството за десетина години направија пустош рамен на најцрните режими. За да се врати довербата кај читателите, достоинството и угледот на професијата, за која јас сѐ уште сметам дека е најдобрата работа на светот, особено во вакви тешки услови, е света и благородна обврска да се пишува на вистинската страна, на страна на професијата, на слободата, на граѓаните, секогаш против злоупотребите на власта, центрите на моќ, против организираниот криминал и носителите на корупцијата. Тоа е најголемата и најопасната рак-рана на македонската транзиција, која сѐ уште трае и по 26 години „слобода и независност“. Новинарот не може да се стави на страна на тие што умислуваат дека прават историја, туку на страна на тие што од неа трпат и страдаат.
Затоа отсекогаш сум мислел дека медиумските слободи и повисоки стандарди на објективно информирање на јавноста, на почитување на новинарските кодекс и етика, на прифаќање на одговорноста за својата работа, за примена на саморегулацијата и почитување на законската регулатива, не е работа само на новинарите. Тоа е голема обврска на сите што дојдоа на одговорни функции на бранот на уривање на режимот по мирен пат со создавање клима и амбиент за коренити промени, за што свој придонес дадоа повеќе храбри уредници, новинари и колумнисти. Тие што дојдоа на власт колнејќи се дека ќе ги вратат демократијата и слободата не можат тоа да го остварат без слободни и професионални редакции и новинари.
Она што можат и треба да го направат веднаш сите што се на медиумскиот пазар, без разлика дали станува збор за весници, списанија, телевизии, интернет-портали, да престане големиот грабеж на новинарскиот труд што го прават самите новинари. Ќе почнат ли еднаш во Македонија да се плаќаат позајмените текстови. Се жалиме дека сме слабо платени, а никој никому не му плаќа во медиумите кога се преземаат текстови. Некој негде смислил дека една третина, или една половина осакатен текст може да се објави без надомест, па згора на тоа и фотографија на авторот без да биде прашан. Ваков арамилак се одвива непречено секоја минута. Телевизиите секоја вечер емитуваат со часови разни дебати и расправи. Никој ништо не плаќа. Одите на емисија зборувате два саата, половина Македонија ве пцуе, половина ви аплаудира, водителите и газдите задоволни, а нема ни денар надомест. Што е ова ако не понижување. Гледам новинарските здруженија и синдикати сериозно и храбро ги застапуваат интересите на еснафот во заштита на нивните права и слободи. Но на овој план кога треба самите редакции да ги подмират трошоците за преземените текстови молчат за евидентните кражби. Ајде конечно нека почне примената на законската регулатива од таму што ќе престане кражбата на новинарскиот труд од самите новинари.