Ердоган очекува САД да се откажат од одлуката за Ерусалим по гласањето во ОН


Истанбул – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека очекува американската vлада веднаш да ја укине својата „несреќна одлука” да го признае Ерусалим за главен град на Израел.

Ердоган напиша на Твитер дека ја поздравува „масовната поддршка” за Резолуцијата што беше изгласана денеска во Генералното собрание на ОН.

Генералното собрание на ОН денеска, на вонредна седница, со 128 гласови „за“, девет „против“ и 35 „воздржани“, усвои Резолуција со која се бара САД да го повлечат признавањето на Ерусалим како главен град на Израел. Македонија, како и повеќето европски држави, гласаше „за“ Резолуцијата.

Претходно американската амбасадорка во ОН ,Ники Хејли, се закани дека САД „ќе го запамети денот кога биле нападнати во Генералното собрание на ОН само затоа што го оствариле своето право како суверена земја“, нагласувајќи дека никакво гласање во ОН нема да ја промени американската одлука за Ерусалим.