ЕП ракомет 2018: Шведска и Шпанија во дуел за златото


Репрезентациите на Шведска и Шпанија вечерва во „Арена Загреб“ ќе го играат финалниот меч на Европскиот ракометен шампионат.

За двете селекции ова ќе биде петто финале на континенталното првенство, а ниту една друга земја нема толку финални средби на Европските шампионати.

За разлика од Швеѓаните кои на изминатите четири свои настапи во финалниот меч секогаш излегуваа како победници, Шпанците се во улога на „губитници“.

Имено „црвената фурија“ досега се нема израдувано на победа во финалните средби на Европските првенства, а последниот неуспех Шпанците го имаа пред две години кога на шампионатот  во Полска загубија од Германија со 24–17.

„Викинзите“ пак чекаат 16 години на европско злато,откако последното (четврто) го освоија пред домашната публика во 2002 година кога ја совладаа Германија 33-31.

Покрај битката за златниот медал, влогот во вечерашното финале е и дотолку поголем, бидејќи победникот директно ќе обезбеди пласман на Светското првенство што следната година ќе се одржи во Германија и Данска.

Финалниот меч на тринаесеттото Европско ракометно првенство меѓу Шведска и Шпанија ќе се игра вечерва во терминот од 20 часот и 30 минути.

Претходно, од 18 часот во дуел за бронзата ќе играат светскиот првак Франција и олимпискиот шампион Данска.