ЕП во ракомет: Шпанија ја приземји Македонија


Македонија го доживеа првиот пораз на Европското ракометно првенство во Хрватска. Шпанија беше убедлива со 31:20 и се проби на второто место на табелата во групата 2 во Вараждин. „Црвено-жолтите“ сега се четврти на табелата и во наредното коло (вторник, 20.30 ч.) ќе играат со Чешка за задржување на шансите за посакуваното полуфинале.

Македонската репрезентација вечерва беше „прочитана“ од „фуријата“ која уште од самиот покажа кој е кој на теренот. Гранитната одбрана, многуте удари во непробојниот блок, брзоплето загубените топки и технички грешки придонесоа за резултатско „бегство“ на шпанските ракометари од контри и полуконтри и покрај добриот вовед на голманот Борко Ристовски.

Дополнителен проблем за Раул Гонзалес беше и повредата на Кире Лазаров во средината на првото полувреме. Капитенот беше повлечен од игра и до крај на средбата не влезе во игра, а поради повреда го немаше и Филип Миркуловски. Шпанците на полувреме заминаа со плус 9 (15:6) за залихата на голови, без особен проблем, да ја задржат во вториот дел во кој селекторот им даде шанса и на помладите во ростерот.

Најефикасни во победничката селекција беа Соле, Гурбиндо и Фигуерас кои реализираа по пет погодоци, први стрелци во македонскиот тим беа Дејан Манасков и Стојанче Стоилов со четири гола.

Поразот од Шпанија, сепак, не значи и крај на надежите на Македонија за полуфинале. Во игра остануваат уште четири бода што, во случај да бидат освоени, се чини, би биле доволни за место меѓу четирите најдобри репрезентации на ЕП.

(С.Ѓ.Д.)