ЕП во ракомет: Шведска ја оддува Белорусија и бодовно се израмни со Хрватска


Шведска и Франција ги оправдаа улогите на фаворити во дуелите со Белорусија, односно, Србија во групата 1 во Загреб на Европското ракометно првенство.

Швеѓаните во четвртото коло ги поразија Белорусите со 29:20 (полувреме 19:12) и се пробија на третата позиција на табелата колку што има и Хрватска чија селекција денеска беше слободна.

Французите во попладневниот термин ги совладаа српските ракометари со 39:30 и се „бетонираа“ како лидери на табелата со осум бода, но и како сигурни полуфиналисти на ЕП 2018.

Утре (вторник) е ден за одмор во Загреб пред мечевите од последното, петто, коло. Но, затоа возбудувањата се селат во Вараждин со два меча од претпоследното коло во групата 2. Од 18.15 часот ќе играат Германија и Данска, а во вечерниот термин Македонија и Чешка во натпревар кој е пресуден за „црвено-жолтите“ за останување во игра за полуфинале на шампионатот.

ЕП во ракомет

Група 1 (Загреб), 4 коло

Шведска – Белорусија 29:20

Србија – Франција 30:39

Табела: Франција 8, Хрватска 6, Шведска 6, Норвешка 4, Србија 0, Белорусија 0.

Идно коло: Србија – Белорусија (среда, 16 ч.), Шведска – Норвешка (среда, 18.15 ч.), Хрватска – Франција (среда, 20.30 ч.)