ЕП во кратко пливање: Четворица Македонци меѓу 700. во Копенхаген


Ана Јаневска, Миа Крстевска, Љупчо Ангеловски и Давор Петровски ќе бидат четворицата македонски репрезенти на Европското првенство во кратко пливање што од 13 до 17 декември ќе се одржи во „Кралска арена“ во Копенхаген. Во данскиот главен град ќе отпатуваат без императив за медал туку со единствено очекување – да испливаат најдобри лични времиња и да акумулираат дополнително искуство за идните предизвици.
„Се надевам дека заедничката програма ќе биде почеток на светла иднина за пливањето во Македонија. Горд сум и сигурен дека четворицата пливачи ќе нè претстават достоинствено и ќе забележат најдобри резултати. Ова првенство нека биде почеток на пливачкиот професионализам“, изјави Александар Маленко, новоизбраниот претседател на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ).
Јаневска ќе настапи во четири трки во две дисциплини – на 50 метри и на 100 метри делфин и 50 метри и на 100 метри слободно. Крстевска е пријавена во три трки – на 50 метри делфин, на 100 метри делфин и на 200 метри делфин. Петровски ќе плива на 100 метри и на 200 метри делфин, а Ангеловски ќе учествува во трките на 50 метри делфин и на 50 метри слободно.
„Убеден сум и уверен дека достојно ќе ги бранат боите на Македонија. Пливањето се соочуваше со тешка ситуација во изминатиот период за што верувам дека во скора иднина ќе изнајдеме решение. Се надевам дека пливањето ќе биде една од најуспешните приказни во периодот што следува. Ќе ги следиме и поддржиме активностите на пливачите за што подобар пласман и исполнување на А норма за Олимписките игри во Токио во 2020 година“, истакна Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт (АМС).
На ЛЕН Европското првенство во кратко пливање ќе учествуваа околу 700 натпреварувачи од 45 држави.

(С.Ѓ.Д.)