Каде на одмор: Епидемија на мали сипаници има во Грција, Албанија, Бугарија…


Во земјите во кои Македонците често одат на одмор има епидемија на мали сипаници. Затоа, не патувајте незаштитени, предупредија од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Мали сипаници има и во земјите покрај море во блиското соседство, но и во државите кои се многу честа понуда на туристичките агенции и за ова лето. Според ИЈЗ, во моментов епидемии на мали сипаници има во Грција, Србија, Косово, Албанија, Бугарија, Хрватска, Италија, Франција, Шпанија, Португалија и во други европски земји.

„Институтот за јавно здравје им препорачува на сите патници да ги проверат својот вакцинален картон и вакциналните картони на своите деца, за да бидат сигурни дека се целосно вакцинирани согласно со Календарот за имунизација на Република Македонија, вклучувајќи и две дози со вакцина против мали сипаници, или соодветно на возраста“, соопштија од ИЈЗ.

Од 20 март до 20 јуни годинава, во земјава се потврдени уште три нови случаи на мали сипаници, на вкупно 14 случаи регистрирани во 2018 година. Eдно лице со симптоми на мали сипаници e пријавено во текот на мај. Станува збор за жител на Сарај, на возраст од 38 години. Заболениот бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и претходно не бил вакциниран со вакцина против мали сипаници. Се претпоставува дека се заразил во Нови Пазар, Србија, каде што претходно патувал. Уште две лица се регистрирани во Дебар – станува збор за брачен пар, маж и жена, кај кои исипот се појавил на трети јуни. И тие биле хоспитализирани на Инфективната клиника.

Епидемијата, која во октомври минатата година почна од Косово, продолжи во Србија и во Црна Гора, со што во регионот има околу 5.000 заболени од оваа заразна болест и десетици смртни случаи. Од морбили се заштитени само лицата кои примиле две дози на вакцината ММР – првата се прима со навршена една година, а ревакцинацијата е на шест години, кога децата тргнуваат во училиште. Оној што не е вакциниран или е вакциниран само еднаш не е заштитен од заразата.

Болеста најчесто се јавува кај малите деца, но не се исклучува и кај повозрасните лица. Малите сипаници се пренесуваат преку дишење, во контакт со течностите од носот и устата на заразеното лице. Основни симптоми со кои се манифестира болеста се кашлица, треска проследена со висока температура, осип на кожата, но и дијареа и повраќање. Потешка клиничка слика се јавува главно кај возрасните. Тие можат да добијат и бронхопневмонија како компликација од морбилите.

Епидемиолозите им посочуваат на туристите пред да заминат на одмор добро да се информираат за дестинацијата каде што ќе престојуваат.

„Дури и ако сте запознаени со местото, може да има нови и важни здравствени ризици кои би можеле да го нарушат вашето патување. Контактирајте го Центарот за јавно здравје надлежен за местото каде што живеете, за да добиете информација за тоа дали ви се потребни некои лекови или дополнителни вакцини. Исто така, доколку спаѓате во групата лица кои имаат хронични заболувања (заболувања на органите за дишење, срцето, црниот дроб, бубрежни заболувања, дијабетес, намален имунитет од кое било заболување), побарајте совет од вашиот матичен лекар или специјалист, кој ќе го процени ризикот од патувањето“, препорачуваат од ИЈЗ.

Патничката дијареа е најчестата болест поврзана со летните одмори. За тоа да се избегне, се препорачува да се јаде свежо зготвена храна, да се пие пакувана вода, а рацете да се мијат често и темелно. Препорака е да се користи и заштита за убоди од инсекти, особено од комарци. Тие можат да пренесат болести како што се западнонилска треска, зика, денга, жолта треска и маларија.