Емери: Јунајтед е поинаков тим, ни претстои тежок испит


Менаџерот на Арсенал – Унаи Емери, го пофали претставувањето на Манчестер Јунајтед под водство на Оле Гунар Солскјер.

На чело со Норвежанецот, „црвените ѓаволи“ се во одлична серија од 7 победи од 7 натпревари, а во петок гостуваат на „топџиите“ во судир од шеснаесетфиналето на ФА Купот.

– Во моментов Јунајтед е поинаков тим. Да, фудбалерите им се исти, но играат со многу поголема ефикасност. Ги гледав последните неколку натпревари и тимот доби голема доверба. Тоа е многу опасен противник. И тоа е добро, бидејќи ни претстои тежок испит, рече Емери.

Тој потсети дека Арсенал и Јунајтед се двата најуспешни клубови во ФА Купот со соодветно 13 и 12 трофеи и го утврди дуелот помеѓу двата тима како „класика“.

– Го очекуваме натпреварот со нетрпение. Ќе играме пред наша публика, што е неверојатно. Чувствуваме дека сме во одлична форма и сакаме да ги израдуваме фановите, додаде Емери.