Емери пред дербито: Ливерпул може да ја заврши сезоната без пораз


Менаџерот на Арсенал, Унаи Емери смета дека претставувањето и формата на Ливерпул говорат во полза на тоа дека Ливерпул можат да ја завршат сезоната без пораз во Премиер лигата. Тимот на Јирген Клоп е единствениот кој се уште нема пораз во првенството, а во сабота, лидерот го пречекува токму Арсенал на „Енфилд“.

– Како за нас, така и за нив тоа е многу голем натпревар. Тие се уште немаат пораз и ќе бидат полни со самодоверба. Го следам нивниот прогрес во последнава година и можам да кажам дека во моментов тие се во најдобра форма. Овој натпревар е голем предизвик и голем тест за нас. Веќе се сретнавме на „Емирати“ и одигравме 1:1. Се наоѓаме во добра позиција по првата половина од сезоната. Ние треба да го продолжиме процесот. Досега имаме 38 поени. Ни требаат повеќе, но не е лошо достигнување во оваа фаза, прокоментира менаџерот на „топџиите“.

Запрашан дали Ливерпул може да го повтори постигнувањето на Арсенал од сезоната 2003/04, кога тимот на Венгер ја заврши сезоната без ниту еден пораз во шампионатот, Емери одговори потврдно.

– Мислам дека можат да го постигнат тоа. Пред три сезони игравме против нив со Севиља во финалето на Лига Европа. Напредокот на Ливерпул е јасно видлив. Пред три години беа аут од Лигата на Шампионите. Патот кој го изминаа, е за пример и ние треба да направиме истиот овој чекор, додаде Емери.