Елиф Елмас во историјата на Фенербахче


Талентираниот Елиф Елмас го постигна својот прв гол во официјален натпревар за Фенербрахче. Во натпревар од 5. коло на турскиот шампионат, младиот македонски репрезентативец го постигна единствениот погодок на гостувањето кај Коњаспор. Во игра влезе во 61. минута, а само шест минути му беа потребни да ја затресе мрежата на домаќинот.

Тоа е втора победа на турскиот гигант, кој има и три порази, по што се доближи до средината на табелата. Фановите веруваат дека оваа победа ќе го вивне клубот од кризата на почетокот на сезоната.

Со 18 години, 11 месеци и 28 дена, Елмас е најмладиот клупски стрелец во последните триесет години. Од него се очекуваат големи работи во иднина, потврдува и тренерот на Фенербахче, Филип Коку.

Дојдовме до значајна победа. Голот за триумф ни го донесе Елмас, во кого имам голема доверба и токму затоа е во нашиот тим, иако има само 18 години. Сум кажал и претходно, тој е ѕвезда што мора да ја негуваме. Сигурен сум дека овој гол многу ќе му помогне во идниот развој. Најдобрите игри од него допрва ги очекуваме“, рече Холанѓанецот на клупата на турскиот гигант.