Елена Голомеова, оперска певица: Во Париз сум дива


Оперската певица Елена Голомеова, родена штипјанка која својата европска кариера ја изгради работејќи во операта во Ница, на спектакуларен начин го отвори годинашното Штипско културно лето кое трае до 30 јули. Голомеова, придружувана од малиот симфониски оркестар при МОБ, исполни повеќе нумери, а публиката што ја преполни големата сала на Домот на културата „Ацо Шопов“, со големо воодушевување и со најдолг аплауз ја поздрави легендарната „Чија си“ на Славе Димитров, приспособена за оперско пеење. По настапот, со Голомеова разговараме за животот на оперските пејачи, за кариерата изградена во Франција, за секојдневјето и навиките на оперските пејачи…

Н Животот на оперските пејачи е вистинска мистерија зашто за личностите од Вашата фела многу малку се зборува. Кога ќе се спомене оперски пејач, луѓето обично замислуваат еден удобен, раскошен живот, патувања низ светот, големи примања…

-И самата сум свесна дека луѓето за нас мислат токму така, но тоа е далеку од вистината. Ако сакаш кариера, настапи на оперските сцени, мора да се одречеш од многу слатки нешта. Десет дена пред секој настап јас се изолирам, се осамувам. Нема излегувања, ресторани, кафулиња, дружења со драги пријатели. Тоа е правило број еден кај секој оперски пејач. Но, по настапот се опуштаме, иако и тоа не трае долго зашто бргу следува нова сцена, нов настап, нови проби, нови десет дена самотија и тренинг…

Еден месец сте во Македонија и за тоа време, пред концертите во Скопје и во Штип, имавте и активни вежби. Напорен ли е таквиот ритам на живот?

-Нашиот живот е, ако сакам точно да се изразам, како животот на спортистите. Мора редовно да ја одржуваме физичката кондиција, па поради тоа секој ден трчам и вежбам. Тоа го правам и кога сум во Франција и кога сум си дома, во Македонија. Штипјани можеа да ме видат како трчам по патеката покрај Брегалница, а физичките вежби си ги правев дома и во големата сала на штипскиот Дом на културата. Физичката кондиција мора да ја имам зашто и пеењето исцрпува, а оперскиот пејач мора да е во беспрекорна кондиција. Конечно, мојот репертоар го бара тоа.

Секој ден, по двапати, „трениравте“ пеење во салата во која настапивте. Потребни ли се пробите?

-Апсолутно се потребни. Така правам пред секој настап, а така прави и секој оперски пејач. Јас во салата во мојот роден град го почувствував истиот мирис, ја почувствував таа синергија помеѓу ентериерот, столчињата за публиката и подиумот на кој настапив во придружба на малиот симфониски оркестар при МОБ. Мене ми се вратија убавите слики од детството, од „Тина татина“, со која пред 24 години победив на „Златно славејче“, а по кој настап започна мојата кариера.

Има ли разлика за еден оперски пејач кога пее пред преполна или пред полупразна сала?

-Секако дека има. Иако и во двата случаја пејачот ќе го даде најдоброто од себе. Сепак, чувството е поинакво ако салата е полна, ако во неа нема празно столче… Таа глетка дава дополнителен мотив, енергијата е поинаква…

За оперските пејачи се говори дека секое утро го започнуваат со пиење свежо, живо јајце. Вистина или мит?

-Не, не се работи за мит. Го има и тоа. Иако јас секое утро практикувам да се засладам со свеж лимон натопен во маслиново масло. Тоа најмногу му годи на грлото, на гласните жици… И тоа со свежите јајца е вистина, но од она што се продава по европските маркети никогаш не си сигурен дека јајцата се свежи… А во стан кокошарник за свежи јајца не се прави, нели?

Каде живее Елена Голомеова? Во Ница или…

-Сега повеќе сум во Париз. Само Париз си е Париз, како град на уметноста, на бројни уметнички институции, на опери, балет, ликовни салони, книжарници, уметнички галерии… Но во Ница ја започнав и ја изградив својата кариера и на тој град му должам премногу.

Може ли да се живее од оперско пеење?

-Оперските пејачи во Франција се слободни, не се во никаква институција. Но, 20 проценти од нив се во познатата „Куќа на уметници“ која се грижи за сите нас. Менаџерот на секого од нас договара настапи на оперските сцени, куќата се грижи навреме да си ја добиеме платата, да ни бидат исплатени придонесите… Само хорот и оркестарот во оперските куќи се на плата… Јас имам многу настапи и можам да кажам дека имам убав, комотен живот.

Како се случи „Чија си“?

-Тоа е една многу интересна прикаска. Јас сакав по секоја цена пред штипјани да испеам и една позната македонска забавна песна, секако аранжирана за оперско пеење. Мене од детството ми остана во најубави спомени „Чија си“, песната на Славе Димитров, еден од основоположниците на македонската забавна музика. Неа најчесто си ја пеам каде и да сум. Сакав оваа преубава мелодија да ја исполнам, но оркестарот не прифаќаше. Јас Славе Димитров премногу го почитувам зашто тој на времето ме упати кон операта со зборовите: „Елена, само класика, ништо друго да не прифаќаш“. Му се јавив на Димитров, му ја кажав идејата, тој беше многу среќен и веднаш ми ги испрати партитурите. Оркестарот одлично ја совлада материјата, а враќањето на бис токму на „Чија си“ и нив ги направи среќни.

Иван Бојаџиски