ЕЛЕМ ветува соработка за поднесените кривични пријави


АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) соопшти дека се става на располагање на сите државни институции во интерес на спроведување на потребните процедури и утврдување на фактичката состојба по поднесените кривични пријави против ЕЛЕМ и неколку поранешни и актуелни директори во РЕК Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загадување на животната средина и природата“.

– Во однос на делото за кое се однесуваат пријавите, потенцираме дека новото раководство на АД ЕЛЕМ презема мерки во насока на заштита на животната средина и сите активности се во насока на производство на електрична енергија со што помало влијание на околината, наведува ЕЛЕМ.

Потсетува дека минатата година новото раководство почна постапка за набавка на опрема за стандардизирање на отпепелувањето, која ќе спречи отпадната пепел да се шири во околината. За годинава, пак, се предвидени средства за набавка на електростатски филтри што ќе спречат емисија на штетни материи во воздухот.

Од наведените физички лица-функционери во РЕК Битола, укажува ЕЛЕМ, моментно само едно лице се води како актуелен раководител, односно станува збор за раководител кој е на таа позиција подолго време и не е дел од новите назначувања кои се случија во комбинатот минатиот месец.

СВР Битола денеска поднесе кривична пријава против И.К. (63) од Гостивар, поранешен директор на подружница РЕК Битола, Ј.К. (67) од Битола, директор на подружница РЕК Битола, О.З. (54) од Битола, директор во РЕК Битола, З.М. (44) од Битола, раководител во Подружница РЕК Битола и против С.А. (63) од Битола, раководител во Подружница РЕК Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „соизвршителство“ во врска со „загадување на животната средина и природата“. Против АД Електрани на Македонија – Скопје е поднесена пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загадување на животната средина и природата“.

Од МВР информираа дека во координација со Јавното обвинитество се направени низа проверки при што е констатирано дека пријавените физички лица, со непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, пропуштиле да ги реконструираат постоечките или да постават нови филтри за прашина – дозволиле преку работата на пријавеното правно лице да се пропуштаат штетни честички количински повеќе од 50 милиграми на метар кубен. Исто така, наведува МВР, пријавените физички лица дозволиле да се врши отпепелување на одлагалиштето, каде што често се создавале воздушни вртлози од пепел со земја. На тој начин предизвикале пораст на статистичкиот показател на загаденост на воздухот во град Битола, што претставува опасност по здравјето на луѓето