ЕК: Македонија и Албанија со забележлив напредок на евроинтеграцискиот пат


Македонија прави забележлив напредок на евроинтеграцискиот пат и Европската комисија е подготвена да изработи препорака за отворање на преговори врз основа на исполнети критериуми, се вели во Стратегијата на ЕК за Западен Балкан, што на заедничката прес-конференција денеска ја претставија високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Во извештајот на ЕК се посочува дека сите земји од Западен Балкан имаат можност за напредок на својот евроинтеграциски пат, дека сите земји се оценуваат на фер и објектива основа, зависно од нивниот напредок и заслуги и во зависност од нивната брзина.

ЕК, посочува дека ваквата перспектива, целосно зависи од силната политичка волја, испораката на вистински и одржливи реформи, како и дефинитивни решенија на проблемите со соседите.

Стратегијата ги објаснува следните чекори што треба да ги преземат Црна Гора и Србија со цел да го завршат пристапниот процес до 2025 година, додека останатите би можеле да ги стигнат, но овие две земји се единствените од регионот кои што ги имаат отворено преговорите.

Албанија, исто како, нашата земја прави значителен напредок на евроинтеграцискиот пат и ЕК е подготвена да изработи препорака за отворање на преговори врз основа на исполнети критериуми, додека за Босна и Херцеговина се посочува дека со значителен напор и ангажираност земјата би можела да стане кандидат за асоцијација.

Косово, се оценува, дека има можност за одржлив напредок преку спроведување на Договорот за стабилизација и асоцијација и напред на својот евроинтеграциски пат, откако ќе бидат создадени услови за тоа.