ЕК: Годинава 63 отсто помалку мигранти во Европа


Европската комисија информираше денеска дека бројот на илегални мигранти што пристигнале во Европа во текот годинава е намален за 63 проценти во однос на 2016 година.

Намалувањето доаѓа по затворањето на балканската рута, по што главната траса за влез на мигранти во Европа се пренесе меѓу Либија и Италија, преку Средоземно Море.

Европската комисија планира до мај 2019 година низ Европа да распореди дополнителни 50.000 бегалци, а во исто време се подготвува и за забрзано враќање на одбиените баратели на азил, чија бројка треба да се зголеми за 50 проценти.

Со програмите за доброволно враќање, во кои ЕУ честопати нуди финансиски поттик за враќање во матичната држава, се планира да бидат вратени 15.000 мигранти до февруари 2018 година.

Европската комисија денеска претстави план за постигнување на широк консензус за заедничка политика во областа на миграцијата до јуни 2018 година.

Брисел проценува дека ЕУ излегува од периодот на управување со кризи и дека е време за воспоставување на стабилна и подолгорочна политика.

Таа политика би подразбирала помош на најзагрозените држави, зацврстување на надворешните граници на ЕУ и засилена соработка со државите-партнери.