Експлозивно сведочење на поранешниот адвокат на Трамп


Поранешниот адвокат на Доналд Трамп, Мајкл Коен, го обвини претседателот во експлозивно јавно сведоштво пред Конгресот дека знаел однапред за клучните настани во руската истрага и за извршување криминални заговори во прикривање на вонбрачна афера.

Во еднодневната драма во Комитетот за надзор на Претставничкиот дом, Коен испорача низа „бомби“ кои би можеле да предизвикаат нови истраги од страна на Конгресот и ФБИ. Сведочејќи во средата, тој го нарече американскиот претседател расист и измамник, дека направил заговор за да ја замолчи поранешната порна актерка и дека Трамп знаел за клучните врски со Русија.

Коен стана првиот во внатрешниот круг на претседателот кој тврди дека Трамп знаел дека неговиот долгогодишен советник Роџер Стоун комуницирал со Викиликс за време на изборите во 2016 година, во врска со објавувањето на пораките од хакираниот имејл на Демократската партија.

Тој, исто така, рече дека Трамп бил свесен за озлогласената средба во „Кулата Трамп“ меѓу членовите на неговата претседателска кампања, вклучувајќи го и неговиот син Доналд Трамп јуниор, и руски адвокат со врски со Кремљ, кој беше организатор за да се добијат штетни информации за Хилари Клинтон.

Сведочењето на Коен ја одбележа ретка можност за милиони Американци да бидат сведоци на сослушувањето на еден централен играч во повеќето истражувања за претседателот и неговите соработници. Коен беше повеќе од една деценија „фиксер“ на претседателот – улога во која тој стана интимно запознаен со личните и професионалните работи на Трамп.

Во извонредна и емотивна завршна изјава, Коен зборуваше директно за својот поранешен шеф нагласувајќи ги редицата гревови на Трамп, почнувајќи од неговите напади врз медиумите до неговата политика на одвојување имигрантски семејства и неговиот неуспех „да преземе одговорност за своите валкани дела“. Тој ги поттикна оние што сè уште го поддржуваат претседателот, како што некогаш и самиот го правел, да не ги направат „истите грешки што ги направив или да ја платат високата цена што ја плаќа моето семејство“.

Сведочењето на Коен, кое се протегаше, со паузи, во текот на повеќе од седум часа, покажа дека американскиот претседател се соочува со правна и политичка опасност на најмалку два фронта – истрага за вмешаноста на Русија во американските избори во 2016 година и можните врски помеѓу кампањата Трамп и Москва, како и криминален заговор за кршење на законите за финансирање на кампањите преку исплата на нечисти пари.

„Денес сум тука да ја кажам вистината за г-дин Трамп“, рече Коен во своето воведно излагање.

„Се срамам што одлучив да учествувам во криењето на нелегалните дела на г-дин Трамп, наместо да ја слушам мојата совест“, додаде тој. „Се срамам затоа што знам каков е господин Трамп. Тој е расист. Тој е измамник“.

Коен се изјасни за виновен во ноември за злосторства кои вклучуваат лажење во Конгресот и треба да оди во затвор во мај за да започне тригодишна затворска казна. Зборувајќи со одмерен тон, Коен го опиша своето сведочење како чекор на „патот на искупувањето“ и му се извини на панелот за неговите претходни лаги.

Трамп од Ханој на самитот со водачот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, го обвини Коен дека лежи за да го намали времето во затворот.

Коен јавно сведочеше првпат во детали за сумата од шест бројки која ѝ беше исплатена на порноактерката Сторми Даниелс, за да ја спречи да зборува за наводна афера со Трамп. Коен ги претстави чековите за кои рече дека ги потпишале претседателот и неговиот најстар син Доналд Трамп Џуниор, за да му ги надомести исплатените пари во износ од 130.000 долари.

„Претседателот на Соединетите Американски Држави на тој начин напиша личен чек за исплата на тајни пари како дел од криминална шема за кршење на законите за финансирање на кампањите“, рече Коен.

Тој му рече на панелот дека Трамп знаел и го одобрил секој чекор од исплатите и рече дека претседателот извршил други нелегални дејства за кои не можел да разговара бидејќи бил под истрага.

Коен додаде дека му било наложено од Трамп да ја излаже сопругата на претседателот Меланија Трамп изјавувајќи: „За лажењето на првата дама многу се каам, бидејќи таа е љубезна, добра личност“.

Откритието дека Доналд Џуниор бил директно вмешан во планот за исплата на Даниелс може да значи дека синот на претседателот се соочува со законска опасност. Сојузните обвинители во Њујорк, кои со месеци имаа копии од чекови и други записи, велат дека плаќањата ги прекршиле законите за финансирање на кампањите.

Расправата започна драматично, при што републиканците се спротивставија на протекувањето до медиумите на сведочењето на Коен доцна вечерта во вторникот и притискајќи да биде одложен настанот. Тоа беше отфрлено од демократите кои откако станаа мнозинство во Претставничкиот дом во јануари ветија дека ќе го проверуваат Трамп.

„Ние сме во потрага по вистината“, рече Елајџа Камингс, демократски претседател на комисијата.

„Ти си патолошки лажго. Вие не ја разликувате вистината од лагата“, му рече на Коен републиканскиот конгресмен Пол Госар од Аризона.

„Господине, жал ми е, дали мислите на мене или на претседателот?“, возврати Коен.

Коен беше осуден во декември за криминали кои вклучуваа лажење во Конгресот околу преговорите околу можниот проект на „Кулата Трамп“ во Москва за време на кампањата во 2016 година. Коен сведочеше дека ги информирал и синот на претседателот и ќерката на претседателот Иванка Трамп за договорот околу 10 пати. Доналд Трамп Џуниор го возврати ударот во Коен на Твитер сугерирајќи дека ова е обид на поранешниот адвокат на претседателот да добие публицитет. (Гардијан)