Едно име, повеќе идентитети


 

Ило Трајковски

 

„Едно име имаме, во душата го носиме, за тебе живот даваме, о Македонија!“ Така се пее песната! Македонија е, значи, душа – нечија. Македонија е идеја за нешто и за некого. А идеите се водилки на дејствувањето, вклучувајќи ја и подготвеноста да се жртвува и животот за некоја идеја. Ние, Македонците, сме познати како певлив и игрив народ. И точно е! Нема друг народ, во поновата историја, кој името Македонија го опева како симбол на сопствената национална засебност на неговата колективна душа и самосвест. Песната има значи политичка функција. Таа е дел од арсеналот за конструирање и издигање на македонската национална свест. На тој начин именката Македонија доби едно специфично значење. „Македонија на Македонците“, би рекол Коста Новаковиќ. За други, пак, тоа е парола која беше и остана повик за македонизам или за иредентизам, како што сега го нарекуваат нашите јужни соседи.

Ваквото наше самоименување имаше и има импликации врз односот на другите како кон идејата за Македонија така и за „македонците“ воопшто, така и за нивниот однос кон идејата за Македонија како засебна национална држава. Дури може да се докажува дека токму издигањето на програмата за градење посебна македонска нација ги поттикна дејците на соседните нации да развиваат сопствени идеи за Македонија и за „македонците“ како нивни. Така, името Македонија и од него изведените придавки стана предмет на повеќе конкурентски национални програми. Едно име, а за него повеќе приказни. Едно име, а повеќе идентитети. Повеќе „македонски“ души – бугарски, грчки, нашки.

Овде нема да навлегувам во прашањето зошто и кој и кога станал „македонец“. Факт е дека името Македонија имало и има голема симболичка моќ. Работата е во тоа што многумина знаат, а уште повеќемина веруваат дека моќта на тој симбол може да стане и поголема и да генерира нова политика. Нашите сегашни, но и минати проблеми со себеидентификација како Македонци произлегуваат токму од таквите „стравови“. Соседите, особено Бугарите и Грците, се уплашени од можната еволуција на македонството.

Нам тие стравови ни изгледаат смешни. Малата, сиромашна и внатрешно поделена Република Македонија некој да ја чувствува и третира како предизвик на сопствениот национален интегритет. Но за соседите таа во историјата била тоа, а така е и денес. Македонија предизвикува! Македонија мобилизира! Името, Македонија, ќе рече Блаже Конески, ни е големо… Главната разлика во однос на минатото е тоа што денес, покрај бугарската и грчката приказна своја приказна за Македонија и за „македонците“ раскажуваме и ние. Нашата приказна иако започната претходно, целосно ја развиваме во рамките на поранешната Југославија. Во неа, себеси се дефиниравме и утврдивме како на нов начин со големо М – Македонци како етнонација. Дотогаш македонскиот идентитет во национална смисла се врзува главно со веќе постојните држави-нации, најчесто со Бугарија и Грција, а поретко и со Србија. Затоа тој главно опстојува како регионален, описен идентитет – со мала буква „македонци“.

Внатре, во рамките на Југославија, македонската национална програма не пречеше многу, сѐ додека таа се држеше или додека беше можно да се одржува во рамките на српската идеја за Македонија и за „македонците“. Како таква таа беше охрабрувана и помагана бидејќи беше компатибилна, пред сѐ со српските, а делумно и со хрватските стратегиски цели. Со распадот на Југославија, етномакедонскиот национален идентитет, со држ-недај политика, сепак, излезе на отвореното и немирно море на нациите. Оттогаш, во потрагата по нова рамка за неговото натамошно развивање (НАТО и ЕУ) овој наш идентитет е во отворен судир со другите конкурентски идентитети. Едни ни велат, вие не сте Македонци бидејќи „Македонија е наша (грчка), а ‘македонците’ се Грци“. Другите се поумерени, па велат, добро, можеби сега сте Македонци, но до вчера бевте исто што и ние, Бугари! И едните и другите притискаат, уценуваат, блокираат, се закануваат. Бараат да се редефинираме себеси како различни од нивните некогашни, сегашни или идни „македонци“. Бараат да ги редефинираме нашето македонство и нашата Македонија како различни од нивните.

Пречките кои ни ги поставуваат и барањата кои ги испорачуваат создаваат една типична постколонијална ситуација кај нас. Во оваа смисла, не сме ниту првите ниту ќе бидеме последните на светската историска сцена од кои се барало непристојното – да не бидеш тоа што си, да си го промениш името на државата, а со тоа и на нацијата. Но, интернационалната сцена е безмилосна. Таа создава и руши држави и нации, а не правда и доблести. Нашата постолонијална ситуација е, сепак, специфична. Прво, за разлика од други случаи некогаш „одговорниот“ за нашиот дел од колонијалиризаната постоотоманска Македонија денес е индиспониран. Во однос на другите двајца колонизатори тој и самиот од нив очекува поддршка за влез во ЕУ. Ако успее да им се приклучи во клубот на Европската Унија, и тој ќе испорача свои очекувања како поранешен „газда“. Второ, некои од помагачите и подоцна гарантите на колонизацијата на постотоманска Македонија, денес се наши стратегиски пријатели.

Затоа, велам, ѓавол ќе го знае зошто промената на името на државата може, на крајот, да е и за добро. Па ние сме нови, поинакви, „македонци“, од оние од Илинден 1903. Најголемиот дел од нив бидејќи беа школувани или крстени во бугарски, во грчки, во српски школи и цркви се чувствуваа како Бугари, Грци и Срби. Не можеле поинаку. Но, јас сум само Македонец, да речам македонски македонец, а некои пофундаменталистички настроени од мене би рекле „вистински“ Македонец. Штом другите „македонци“, според нивните гласноговорници, се плашат дека во дружбата со мене (во ЕУ, на пример) може се заразат од мојот македонизам и иредентизам прифаќам да се преименувам, но самоволно. Според формулата едно име, повеќе идентитети и јас имам право на своето македонство.

На овој чекор подучува мудроста на кралот Соломон од приказната за двете жени и бебето кое тој треба да го расече на две – да го именуваме Македон. Во приказната, жената чие бебе претходно умрело, па посакала да присвои туѓо дете, од Соломона побарала бебето кое било предмет на спорот да го расече на две и да им го подели! За разлика од неа, вистинската мајка, сакајќи над сѐ тоа да живее, да расте и да се развива, се откажала од сопственото дете. Мудриот Соломон бебето го доделил на токму на мајката која се откажала од бебето, знаејќи дека вистинската љубов значи живот. Во таа смисла се согласувам со еден мој пријател кој иронично вели дека, ако се преименуваме во „Северна Македонија“, на пример, ќе имаме оправдување да се залееме во „Т’га за југ!“