Еднонеделен штрајк на српските адвокати


Српските адвокати од денеска почнаа еднонеделен целосен прекин на работата, поради убиството на нивниот колега Драгослав Миша Огњановиќ во саботата, соопшти Адвокатската комора на Србија.

Во соопштението се напоменува дека станува збор за целосен прекин на работата, што значи дека адвокатите нема да примаат ниту итни притворски предмети.

– На овој начин сакаме да испратиме јасна порака за единство во професијата и за цврсата решеност дека адвокатурата нема да се помири со вакви случаи, се додава во соопштението на Адвокатската комора.

Претседателот на Комората, Виктор Гостиљац изјави дека по повод убиството на Огњановиќ, бара итна средба со министрите за правда и за внатрешни работи, како и формирање истражен тим за брзо пронаоѓање на сторителите, во кој би биле вклучени претставници на Јавното обвинителство, полицијата и адвокатите.

– Со тоа ќе се испрати јасна порака на секој што ќе мисли дека ќе може да убие адвокат и да мине неказнето, додаде Гостиљац.

Педесет и седумгодишниот Огњановиќ беше застрелан пред влезот на зградата во која живееше во Нов Белград. При нападот е ранет и неговиот 26-годишен син.

Очевидец на настанот тврди дека по истрелите видел маж облечен во црно, со качкет на главата, како бега од местото на злосторството.

Во текот на својата кариера Огњановиќ им беше адвокат на водачот на „Земунскиот клан“, Лука Бојовиќ, на поранепниот српски претседател Слободан Милошевиќ пред Хашкиот трибунал, како и на неговата сопруга Мира Марковиќ.