Еден месец притвор за лицето кое му се заканувало на косовскиот премиер
Основниот суд во Приштина го прифати барањето на специјалчното обвинителство на Косово за одредување на мерката притвор за лицето Б.Е., поради постоење сомнеж дека му се заканувало на премиерот Рамуш Харадинај.
На осомничениот му е изречена мерката притвор во траење од 30 дена, поради сомнеж дека го извршил кривичното дело „подготвување терористички дела или кривични дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово“.
– Постои основано сомневање дека лицето Б.Е. кон крајот на 2018 и на почетокот на 2019 година се ангажирало во подготвувањето терористички дејствија во Косово, така што на 10.01.2019, користејќи ја апликацијата „Телеграм“ како администратор на каналот „Пустински лавови“ објави заканувачки фотографии кон премиерот на Република Косово, г. Рамуш Харадинај со натпис и во позадина со знамето на терористичката организација ИД, со цел сериозно заплашување на населението и сериозно дестабилизирање на основните политички и уставни структури на Република Косово, објави Основниот суд во Приштина.
Во соопштението се наведува и дека по интервенцијата на припадници на Одделот за тешки злосторства (ДКТ) на косовската полиција, во мобилниот телефон на осомничениот е пронајдена споменатата слика, а запленет му е и еден нож.
Приштинскиот суд смета дека мерката притвор е соодветна и неопходна за да може да се гарантира присуството на обвинетиот во натамошната кривична процедура и за нејзино непречено спроведување.
– Мерката се заснова и на начинот и околностите во кои се сторени кривичните дела, тежината на делата, така што доколку се остави на слобода осомничениот може да ги повтори истите или слични кривични дела, може да се сокрие или да побегне со цел да ја избегне кривичната одговорност, се вели во соопштението.