Египет ја ограничи продажбата на жолти елеци


Службата за безбедност и трговците на мало велат дека египетските власти ја ограничиле продажбата на жолти елеци.

Властите стравуваат дека опозицијата би можела да ги копира француските демонстранти по повод јануарската годишнина од народното востание со кое беше симнат од власт автократскиот претседател Хосни Мубарак во 2011 година.

Тие велат дека на дистрибутерите на ХТЗ опрема им било наредено да не им продаваат жолти елеци на обични купувачи, туку само на потврдени компании и само со полициска дозвола за купување.

Официјалните претставници за безбедност велат дека ограничувањата ќе останат во сила до крајот на јануари.

Министерството за внатрешни работи не одговори на прашањата во врска со ова. Во изминатите две години египетските власти не дозволија да се одржат протести 25 јануари, кога започна востанието во 2011 година.